Под медијаторство и иницијатива на Форумот за разумни политики од Скопје, во рамките на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, денес беше потпишан меморандум меѓу седум киноприкажувачи во Македонија. Се договорија заедно да дејствуваат: Кинотеката, Синема паркинг кино-Битола, 3Д Кино Битола, Центарот за култура од Битола, „Киноверзум“ од Свети Николе, кината „Фросина“ и „Милениум“ од Скопје и „Синеплекс“, заедно со Агенцијата за филм и канцеларијата на Креативна Европа Медиа Македонија.
Годинава се одбележуваат 100 години од отворањето на првото кино на браќата Манаки и со овој чин симболично се одбележа овој значен јубилеј.
– Со овој меморандум се изразува интерес и желба за заедничко дејствување во киноприкажувачката дејност со една и единствена цел – меморандумот да служи како основа за формирање на единствена киномрежа. Целта е поврзување на прикажувачите односно кината и застапување на нивниот заеднички интерес. Вакви киномрежи веќе постојат во Европа, во регионот и во светот, еве сега и кај нас со ова здружување ќе се обидеме да ја вратиме изгубената публика и да создаваме нова кинопублика, но и едукацијата на филмска публика, рече Бистра Георгиева од Форум за разумни политики.
Ако досега секој сам се справувал со предизвиците, од овој момент веќе здружено ќе создаваат нова кино публика, бидејќи, според Георгиева сите кои работат во културата имаат должност и обврска да понудат вакви стратегии и решенија.
-Особено ми е драго што ова вмрежување се случува токму во Битола, затоа што низ годините Битола и тоа како е запишан како филмски центар пред се со 3Д киното, преку фестивалот „Браќа Манаки“, Етнографски филмски фестивал, Фестивалот „Камера 300“ итн. Би сакала да истакнам дека иако денеска овој меморандум се потпишува на парче хартија, ние досега природно се вмрежувавме и сме реализирале безброј соработки, рече Маја Андоновска Илијевски, директорка на Центарот за култура – Битола.
Членовите најавија нова средба во Свети Николе.





