Франц Лустиг, кинематографер: Плачевме додека ја снимавме сцената со песната од Нина Симон

Лустиг на маестрален начин го прикажува секојдневието на средовечниот Хирајама (Коџи Јакушо), чистач на јавни тоалети во Токио и голем вљубеник во книгите и музиката во филмот „Совршени денови“ на Вим Вендерс

„Со статичната камера се губи контактот меѓу актерите и кинематограферот, зашто принуден сум да гледам на монитор. Затоа најмногу сакам да снимам со камера од рака – така ги правам најдобрите кадри. И светлината некако се впива во кадарот и тоа може да се види на филмот“.

Со овие зборови кинематограферот Франц Лустиг за миг нè внесе во неговиот свет на фотографијата и кадарот и објасни како ја создава магијата во филмот. Лустиг вчера одржа прес конференција по прикажувањето на филмот „Совршени денови“ во режија на легендарниот режисер Вим Вендерс на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ што се одржува во Битола. Филмот во кој Лустиг е кинематографер е во официјална кинкуренција за наградата „Камера 300“.

Франц Лустиг

Лустиг на маестрален начин го прикажува секојдневието на средовечниот Хирајама (Коџи Јакушо), чистач на јавни тоалети во Токио и голем вљубеник во книгите и музиката. Преку едноставните секојдневни ритуали, со минимални дијалози, камерата полека го внесува гледачот во комплексниот живот на главниот лик, неговата љубов кон природата и едноставните нешта кои останатите луѓе скоро и да не ги забележуваат и суптилно го навестува неговиот минат живот и мрачно минато и односите со семејството. Филмот е проследен со фантастична музика. Лустиг рече дека најголем дел од песните во филмот биде додадени отпосле бидејќи бил мошне сложен и тежок процесот со добивање на авторските права.

Сцена од „Совршени денови“

– Песната на Нина Симон навистина ја пееше и тоа беше најтрогателниот момент. Плачевме додека снимавме – раскажа Лустиг.

Ова е четврт филм кој Лустиг го сминил во соработка со Вендерс. Работел и на „Земја на изобилството“, за кој ја освои наградата „Најдобра камера“ на Германските филмски награди; „Не доаѓај чукајќи“, за кој го заслужи признанието „Најдобар европски кинематографер“ во 2005 година; и „Пукање во Палермо“ од 2007 година.

– Додека снимаме Вендерс секогаш ги прикажува градовите онакви какви што се во моментот. На тој начин ги зачувува. Ако по 20 години одите во Палермо или во Токио сигурно тие нема да изгледаат исто. Но, со нашите филмови тие остануваат зачувани во моментот – вели Лустиг.

Неговата документарна работа е исто така важен сегмент во кариерата за него и ги вклучува филмот „2 или 3 работи што ги знам за него“ на Малте Лудин за животот и смртта на нацистичкиот татко на Лудин и документарниот филм „Танц за сите“ од 2008 година. Во 2012 година, Франц ја доби наградата Мобиус за „Најдобар кинематографер“. Лустиг работи од 1994 година како директор на фотографија за реклами и музички видеа со некои од водечките режисери ширум светот.

Од селекцијата на кратки филмови, вчера беше претставена кинематограферката Сташа Букумировиќ, чиј филм „Нека цвета росно цвеќе“ беше прикажан на фестивалот. Таа објасни дека локациите ѝ биле многу важни за филмот.

– Сакав внатрешната емоција да ја доловам преку надворешните промени и тоа не беше толку тешко бидејќи во текот на снимањето се сменија сите четири годишни времиња во Црна Гора – раскажа таа.

Ерик Полума, кинематограферот на „Сончев часовник“ од документарната програма раскажа дека сценариото било мошне блиско на актерите и затоа не било сложено да се изведе.

Бојана Андриќ вели дека кинематограферите, особено кога се млади треба да ги прифаќаат сите искуства, бидејќи има време за да избираат сценарија. За да научат да бидат кинематографери мора што повеќе да работат.
– Кога бев млада работев и на сапуници, така го изострив чувството за снимање – рече Андриќ.

За Фестивалот „Браќа Манаки“ слушала од своите професори уште додека студирала.
– Само најдобри зборови имаа моите професори за вашиот фестивал. Оваа година има извонредно издание и посакувам нагорната линија да трае – рече Андриќ.

Сподели