На 73 години, вчера во Скопје почина Крсте С. Џидров, еден од најзначајните македонски сценографи и архитект, познат под прекарот Џиби. Џидров беше особено почитуван уметник од актерите и од сите чинители во театарот и сценската уметност.
Од 1980 година Џидров создал сценографии за над 150 претстави во театрите низ Македонија, Хрватска, Косово, Србија, Шведска, Бугарија, Бих, платна за 70 претстави, сценографии за 10 филмови, имал голем број изложби и добил повеќе награди.
Соработувал со 40-ина режисер, меѓу кои се: Владимир Милчин, Димитар Станкоски, Коле Ангеловски, Слободан Унковски, Дритро Касапи, Зоја Бузалковска, Благојче Божиновски, Примож Беблер, Бесфорт Идризи, Рефет Абази, Дино Мустафиќ, Софија Ристевска, Катја Петрова, Куштрим Бектеши, Ујвидеки Синхаз, Срѓан Јаниќијевиќ и Александра Ковачевиќ.
Режисерот Милчин вели:
– Ни замина Џиби. Загубивме другар, пријател, соработник. Загубата не може да се надомсти зашто Џиби беше едиствен. И со добронамерноста и со другарството и со креативноста. Се запознавме пред земјотресот во извиднички униформи, соработувавме во Голтарите во кои беше еден од актерската екипа, продолживме во
Театарската работилница ФФ, последната етапа беа претставите кои ги работевме и во Македонија и надвор од неа. Беше ентузијаст во сите свои потфати. Така и живееше. Зрачеше со посветеност и духовитост. Добриот дух и оптимизмот на Џиби освојуваше. Ќе го паметиме по добро сите ние кои ја имавме среќата да живееме, да соработуваме и да се дружиме со Џиби! Вечна да му е славата на добриот дух Џиби!
На 10-годишна возраст бил член на детската радиодрама, во време кога ѕвезди биле Љупка Димитровска, Коле Ангеловски, Владимир Дади Ангеловски, Наум Пановски, Димац Митковски. За време на студиите на Архитектонскиот факултет, Џидров се вклучува како актер во аматерскиот, кој станал култен театар, Театар кај Свети Никита Голтарот, кој во 1970 година го основале Владимир Милчин, Слободан Унковски и Мартин Панчевски. Театарот го добил тоа име бидејќи првата претстава ја подготвиле во манастирот „Свети Никита“ на Скопска Црна Гора и за да станат актрактивни, бидејќи работеле без пари, се нарекле Голтари. Во 1971 година, Милчин и Унковски во Скопје ја направиле претставата „Скици од преданието Каинавелско“ по мотивите на Славко Јаневски.
Неговата приказна со сценографијата почнува заедно со Симон Узуновски, со кого биле колеги од факултет, кога Милчин во 1982 година ги повикал првпат да работат во професионален театар, и во Театарот на народностите – Албанска драма ја направиле претставата „Бовча“.
Со Узуновски потоа заедно работеле на 15-тина сценографии, а десеттото издание на МОТ се отворило токму со нивна заедничка изложба. Џидров работел и на последната претстава што ја режирал Илија Милчин, а неостварена му останала соработката со Петре Прличко.
Во 2021 ја доби наградата за животно дело на 55. Македонски театарски Фестивал „Војдан Чернодрински“.





