Тамара Котевска ја одушеви публиката во Венеција! Треба да раскажуваме неверојатни приказни со неверојатни ликови

Филмовите не смеат да бидат ставени во калап на играни или документарни, туку треба да се стремиме да раскажуваме неверојатни приказни со неверојатни ликови, тоа е она што е важно – рече Тамара Котевска на екслузивниот настан Lights Camera Action на Венецискиот филмски фестивал

„Јас сум Тамара Котевска од Македонија и мојот прв филм пред The Walk беше „Медена земја“ (Honeyland) – првиот филм номиниран во две категории за „Оскар“: Најдобар игран филм и Најдобар документарен филм во истата година. Особено сум горда бидејќи со ова ние ги сменивме правилата и ограничувањата во создавањето на филмови. Кон ова треба да целиме. Филмовите не смеат да бидат ставени во калап на играни или документарни, туку треба да се стремиме да раскажуваме неверојатни приказни со неверојатни ликови, тоа е она што е важно“ – рече Котевска на екслузивниот настан Lights Camera Action на Венецискиот филмски фестивал. Светскиот фестивал секоја година кани тројца светски реномирани автори чии филмови влијаат на општеството и ја менуваат свеста на луѓето за важни социјални теми. Котевска е прв режисер од Македонија. Водителката Алис Нелсон, претседателката на „Витални гласови“ ги најави трите гостинки со африканска поговорка:

– „Ако сакаш да ја разбереш културата, слушни ги приказните. Ако сакаш да ја смениш културата, смени ги приказните.“ Ова се извонредни жени кои имаат храброст да се борат, моќ да преживеат и лидерство со кои инспирираат. Овие три жени ја разбираат таа моќ – рече Вилсон.

Котевска ја придружуваа Даен фон Фрустенберг, модна икона која потекнува од бегалска фамилија, чија мајка одвај преживеала логор и Зејнеб Салби, бегалка од Ирак, која се расплака од говорот на Котевска.

– The Walk е мојот втор документарен филм кој следи едно неверојатно театарско шоу. Бев толку инспирирана да го направам овој филм… Пред години, еден независен театар од Лондон почнал да прави кастинзи по бегалските кампови во Англија кога бранот на бегалци од Сирија почнал да навлегува во Англија. Идејата им била да ги извадат скриените талени од сенките на камповите и така ја нашле десетгодишната Амал, чие име значи Надеж и во чија чест го носам овој натпис денес. Ова девојче го раскажало своето неверојатно патешествие кое прерасна во оваа претстава денес. Театарската трупа изгради кукла од 3 метри со ликот на малата Амал, која го следи патешествието на вистинското девојче, од турско-сириската граница, преку медитеранската рута, сè до Манчестер. Тогаш ме поканија да го правам документарецот за овој патувачки театар. Најмногу ме плени фактот дека тоа не беше само претстава туку едно цело активистичко движење кое не е престанато сè до денес, и нема да престане. Лично сум засегната од филмови и уметнички форми кои прават општествени промени на овој начин. Тие не остануваат „во фиока“, нивниот пат не завршува откако ќе бидат покажани на некој фестивал или на некој стример. Тие поттикнуваат цели движења. Денес гордо можам да кажам дека Амал стана симболот на бегалците низ цел свет – рече Котевска.

Фон Фрустенберг се претстави пред публиката како „родена да ја победи смртта“.

– 20 месеци пред да се родам, мајка ми била во концентрационен камп. Кога ја ослободиле тежела 29 килограми. Било вистинско чудо што останала жива. Таа го нашла свршеникот и љубовта на нејзиниот живот и иако докторите ја убедувале да чека најмалку 3 години пред да има дете, по само 9 месеци ме родила мене. Моето раѓање е триумф над една мизерија. И татко ми беше бегалец – рече Фон Фрустенберг.

Даен го затвори говорот со приказната дека дала голема донација на бегалската организација која ја има отворено нобеловецот Алберт Ајнштајн кој и самиот бил бегалец, но не го прашала директорот на организацијата, Дејвид Милибан, како ќе ги потрошат парите. Години подоцна, на доделувањето на некои награди, Дејвид Милибан ѝ пристапил и ѝ рекол: „Знаеш што направивме со твоите пари? – Не. – Изградивме бегалски камп близу Солун.“

Котевска во друштво на Волфганг Кнефлер, еден од најсериозните продуценти на документарци и Жан Дакар, директор на фотографија на The Walk

– Бев шокирана бидејќи мајка ми била спасена токму од еврејски бегалски камп во Солун пред многу години децении, информација што не беше никому позната – рече таа.

Котевска се надоврзаа на оваа приказна раскажувајќи како таа во својот документарец ја следи куклата Амал во бегалскиио камп во Јанина, близу Солун и како едни од најмоќните приказни од бегалци во филмот се фатени на камера толму во тој камп.

Котевска беше облечена во бела креација на која со арапски букви беше испишано името Амал.

The Walk го следи патешествието на куклата Амал и патувачкиот театар 90 дена.

Мојата главна инспирација беа децата бегалци кои ги сретнаввме на паторо на куклата Амал. Едни од најинспиративните приказни на деца бегалци беа во бегалскиот камп во Јанина, близу Солун. Бев навистина изненадена како тие реагираа на средбата со Амал-куклата. Ова беше еден од ретките моменти на надеж кој го имаа во многуте години на седење и чекање на документи во овие кампови. Како авторка на филмот, решив да ја раскажам приказната од перспектива на едно вакво дете бегалче, заробено на турско-сириската граница, во институција, без документи, без можност да патува. Таа ја гледа Амал на телевизорот од чуварот на домот и толку се инспирира што почнува да сонува за патувањето на Амал секој ден… The Walk не е плач за помош, туку е славење на силата на бегалците и нивната борба да бидат еднакви на сите други – вели Котевска. Таа ѝ се заблагодари на Фон Фрустенберг што јавно го поддржала филмот и проектот за Амал.

Со Амал Клуни

Куклата досега поминала 9.000 км околу светот и наскоро ќе оди во Соединетите Американски Држави за премиерата на филмот. Има милиони следбеници од 15 земји, 97 града… Светската премиера е закажана за ноември.

Еден ден пред настанот, Котевска беше дел од забавата што Фон Фрустенберг ја организираше, каде се сретна и фотографира и со Амал Клуни, адвокатка, борец за човекови права и сопруга на холивискиот актер и активист Џорџ Клуни.

Сподели