Неформалната група „Дума ин Сума“ организира дводневна работилница за креативно пишување за млади од 15 до 19 години, насловена „Клик, слик – сподели кирилица“, што ќе се реализира во КСП „Центар Јадро“ во Скопје. Групата е создадена од компаратистките Ивана Смилевска и Марија Бошковска, заедно со младиот визуелен уметник Дарко Алексовски.
Работилницата ќе се одржи во КСП „Центар Јадро“, на 14 и 15 септември, а заинтересираните ќе имаат можност да создадат свој книжевен лик, употребувајќи дигитални алатки. Бројот на учесници е ограничен, а заинтересираните можат да се пријават на следниот линк .
Ѕвончето веќе заѕвони за првиот час, ајде пак да се дружиме на кирилица. Како продолжение на работилницата „Пиши-бриши…само не оставај на seen“, овојпат ќе создаваме свои светови и ликови, користејќи дигитални алатки и еден тон имагинација. Сигурни сме дека ги прочитавте лектирите, па ајде да откриеме интересни писател(к)и! – велат организаторите.
Првиот ден од работилницата ќе го помине во истражување на современа македонска книжевност. На вториот ден од работилницата, ќе создаваат мали книгички фанзини.
Работилницата е дел од јавниот конкурс „Цртај на македонски јазик“ 2023, објавен од Министерството за култура.





