Славистиката денес е незамислива без македонистиката – 50. издание на Меѓународната научна конференција на МСМЈЛК

Спецификите на македонскиот јазик и научниот пристап во неговото истражување нè зближија со сите земји од словенското јазично семејство, со сите земји од балканскиот јазичен сојуз, што е, верувам, исклучителен научен предизвик, рече вчера министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на отворањето на 50. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Конференцијата ќе трае до утре, а на неа учествуваат околу 70 слависти кои своите нови научни согледби од областа на македонистиката ќе ги презентираат на одделни сесии за јазик и за литература и култура.

Бисера Костадиновска-Стојчевска

Обраќајќи се пред професорите, домашните и странските слависти и македонисти, Костадиновска-Стојчевска го искажа задоволството од постигнатите резултати од научните трудови во изминативе децении, кои ја издигнаа македонистиката во призната и привлечна наука, а ја афирмираа македонската литература споредувајќи ја со дела од светската книжевност. Таа нагласи дека е голема придобивката од Меѓународната конференција за нас се трудовите на учесниците од балканолошките центри и присуството на научници од сите соседни земји, со што се покажува дека за науката не постојат граници.

– А, сево ова оди во прилог на афирмацијата на македонскиот јазик, литература и македонистиката како наука. Вашиот влог во развојот и афирмацијата на македонистиката како наука е бесценет, вашите вредни трудови дадоа поттик и за младите истражувачи да се посветат на теми посветени на Крсте Петков Мисирков, Блаже Конески, Божидар Видоески, Благоја Корубин или, пак, на истакнатите македонски писатели Димитар и Константин Миладинов, Ѓорѓи Абаџиев, Славко Јаневски, Димитар Митрев, Ацо Шопов, Анте Поповски, Коле Чашуле, Живко Чинго, Горан Стефановски и други – рече Костадиновска-Стојчевска.

Весна Мојсова-Чепишевска

Проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Семинарот, го цитираше Реџиналд де Бреј, еден од најистакнатите странски слависти и македонисти на 20 век:

– „Каква иронија на историјата, народот чии предци им го дале на Словените првиот литературен јазик, беа последни на кои им се призна јазикот како посебен словенски јазик, различен од соседните“. Но, заради идејата од која произлгела оваа Конференција пред пет децении, а на која сме доследни и денес, историјата доби поинаков тек. Преку оваа Конференција непрекинато се покажува дека иако заради општествено-политичките околности, кодификацијата на нашиот, македонски литературен јазик се случи подоцна отколку на некои други словенски јазици, се успеа – научните заклучоци и вистини за македонистиката да го добијат своето место во славистичкиот свет и воопшто во науката. Славистиката денес е незамислива без македонистиката! Македонскиот јазик, литература и култура се факт и предизвик за светската наука! – рече Мојсова-Чепишевска.

Јубилејно издание на Конференцијата има учесници од дури 15 земји, а се одржува во светлината на два јубилеја – 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков и 100 години од раѓањето на Ацо Шопов.

Сподели