Теона Стругар Митевска ќе снима долгометражен игран филм за Мајка Тереза

Сценариото за филмот е на Стругар-Митевска, заедно со писателот Гоце Смилевски и Елма Татарагиќ, со која го работеа заедно и „Најсреќниот човек на светот“

„Мајка – Можната приказна за Мајка Тереза“ во режија на Теона Стугар Митевска е единствениот долгометражен филм со мнозинско учество што Агенцијата за филм ќе го финансира, во првиот рок на одлучување на конкурсот за финансирање проекти за производство на долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм за 2023 година. За филмот се одобрени 37 милиони денари или 601.626евра. Сценариото е на Стругар Митевска, заедно со Гоце Смилевски и Елма Татарагиќ, а во продукција на „Сестри и брат Митевски“.

Теона Стругар Митевска и Елма Татарагиќ лани во Венеција

По 2 милиони денари ќе добијат режисерките Анета Лешниковска и продукцијата „Смол мувс“ за долгометражните документарци „Неколку споменици повеќе, неколку луѓе помалку“ и Марија Џиџева и Здружение „Кадар“ од Скопје за филмот „Вера и јас“. За разлика од нив, за краткометражни играни филмови се одобрени и по 3.3 милиони денари (Лидија Мојсова за филмот „Може да се случи секому“).

Во осум филма Македонија ќе биде малцински копродуцент, а за тоа ќе се издвојат вкупно 22.800.000 денари.

– Горд сум на квалитетната понуда на македонските филмаџии, на сè поцврстите копродуцентски соработки, но особено сум горд на авторките во македонскиот филм, што е повторно потврда и на овој конкурс. Верувам дека режисерката која минатата година нè претставуваше на Венецискиот филмски фестивал и на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто, ќе даде една своја перспектива на животот на Мајка Тереза – изјави Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм.

Резултатите за останатите категории може да ги погледнете на следниот линк.

 

.

Сподели