„(И)стории од долапот: избор од македонската народна еротика“ е насловот на книгата што ја подготви и за која напиша предговор Ана Мартиноска, а вечерва во 19 часот ќе биде промовирана во Културно-информативниот центар во Скопје. Делото, чиј издавач е „Ми-Ан“, е опсежен избор од македонскиот еротски фолклор во кој се застапени сите жанрови – приказна, песна, поговорки и гатанки. Книгата ќе ја промовираат Лорета Георгиевска-Јаковлева и Мишел Павловски.
– Еротскиот фолклор е претставен дијахрониски – од ритуалните форми до современите изрази. Сето ова е сериозна, опсежна и полезна антологија на македонскиот еротски фолклор, која ја отвора можноста за понатамошно истражување на оваа проблематика. Книгата пополнува неколку празнини во македонската фолклористика. Тоа е опширен избор на најразлични фолклорни жанрови: песни, приказни, гатанки, баења, обреди итн. обединети околу една тематска оска – еротиката – велат издавачите.
Проектот е значаен прилог кон македонската култура, воопшто, кој се стреми на научната и читателската јавност да ѝ се презентира ова фолклорно наследство во таков обем и со севкупност на жанровскиот израз. Изборот е направен на принцип на широчина, не само во поглед на застапените жанри, туку и широчина во однос на тоа што материјалите се репрезенти на различни сфери од народниот бит, обраќајќи се на различни етноси и возрасни групи, на различни социјални нивоа…
Ана Мартиноска (Скопје, 1972) е професорка, научничка во областа на фолклорот, литературата и културата, колумнистка на родови и културолошки теми, феминистка и активистка за родова рамноправност. Учествувала со самостојни прилози во бројни национални и меѓународни научно-истражувачки проекти, како и на голем број научни конференции и симпозиуми. Реализирала повеќе научни и стручни престои, од кои се издвојува докторскиот престој на Универзитетот во Оксфорд, Велика Британија во 2004.
Мартиноска ги има објавено книгите: „Поетиката на македонските народни гатанки“ (2002), „Голиот на гости – Антологија на македонскиот еротски фолклор“ (2007), „Митот и ритуалот во македонскиот фолклор – релации и проникнувања“ (2008), „Конески и фолклорот“ (2012), „Културни парадокси (Родот, етницитетот и идентитетот во фолклорот и литературата)“ (2014), „Културна фабрика (Огледи за родот, градот и популарната култура)“ (2018) и „(И)стории од долапот: Избор на македонска народна еротика“ (2020).





