Актерката Изабела Новотни ја доби наградата за најдобра улога на филм во краткометражниот „Обичната Ели“ во режија на Лавинија Софрониевска, на Фестивалот на европскиот и медитерански филм, што се организира во Требиње, Босна и Херцеговина. Новотни ја доби наградата што ја доделува жирито од публиката – „Големата повелба на Леотар“. Фестивалот го затвори познатиот актер Сергеј Цветковиќ.

За филмот „Гргур и Љубица“, наградата за најдобра режија ја доби Никола Лоренц, а за најдобар медитерански филм е прогласен грчкиот „Куалија“.
На фестивалот беа прикажани 34 филма со различна тематика.
Филмот „Обичната Ели“ е приказна за Ели, која работи како чувар во локалниот музеј и поседува златна рипка, што и е единствениот другар. Осаменоста на денешниот човек, живеењето во рамки и аквариуми и внатрешниот крик за слобода се главниот мотив на краткиот дебитантски филм на Софрониевска.

Филмот снимен во 2020 година, е во продукција на „Минимал колектив“ од Скопје, а играат и Кирил Пенушлиски и Тамара Ристоска.
Фотографии: Trebinje film festival





