Гран при на 4. Галичник филм фестивалот доби филмот „Заедно, сами“ на турскиот режисер Касим Ордек. Наградата ја доби за „зрелиот израз на суптилно и емотивно раскажување на една навидум тривијална приказна, која допира длабоко до сечие срце“. На главните протагонисти во овој филм, Еџем Узун и Мерт Доган им припаднаа и наградите за најдобра женска и машка улога за „нивниот одличен актерски израз, кој со ненаметливост и со леснотија прикажува комплексни човечки судбини“. Наградите ги додели жири комисијата составена од актерот Сашко Коцев, продуцентката Елена Станишева и режисерот Георги Унковски.
Наградата за најдобро сценарио му припадна на швајцарскиот режисер Зоел Ешбахер за неговиот краткометражен филм „Фер игра“ и начинот на кој што тој вешто преку игра и хумор мајсторски ги прикажува апсурдите на денешницата.

Поетичниот израз на една осетлива тема раскажана на храбар начин од страна на грчката режисерка Софија Георговасили во филмот „Мемоар за застрашувачка бура“ ја понесе наградата за најдобра режија.
Со прогласувањето на најдобрите во чија чест беше прикажана комедијата „Нешто слатко“, фестивалот беше свечено затворен синоќа.
За организаторите „Дарма филм“, фестивалските денови оваа година беа уште побогати со содржини и со зголемен интерес од регионот и пошироко за учество на фестивалот, како и за едукативните работилници кои се одржаа под менторство на Дејан Дуковски и Андреј Волкашин.
Канадскиот режисер Лојд Ли Кои е добитник на наградата за најдобра кинематографија за неговиот филм „Сé по старо“.
Наградите за најдобар краткометражен филм според трите натпреварувачки категории на фестивалот припаднаа на филмот „Ти ветив рај“ на режисерот Морад Мостафа од Египет во категоријата за најдобар игран филм, филмот „Ева“ на руската режисерка Олга Смирнова се закити со наградата за најдобар документарец, додека пак за најдобар анимиран филм, наградата ја понесе полската режисерка Ева Смик со „Носталгија за дома“.
Галичник филм фестивал е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, реализиран од „Дарма филм“ и Месната заедница Галичник, а главен спонзор на овогодинешното издание е „Халкбанк“.





