Имаме оскаровци, светски премиери, меѓу кои и нашиот „Лука“, имаме промоции и портрети, неформални размени на искуства, посети на тивериополските знаменитости, и секако, ќе имаме – ведро ѕвездено небо – вели Горан Тренчовски, директор на фестивалот
Битката со ветерниците трае и се надевам нема уште долго, но борбата за ферплеј во поглед на вреднувањето продолжува, иако во минатото доживеавме и многу непотребни понижувања. Како и да е, не отстапуваме од зацртаниот концепт и од фестивалската физиономија што ја промовиравме уште од самото основање, во 2005 година, откако станавме „трета катета“ на филмскиот триаголник, кога освен битолскиот и скопскиот, речиси и немаше други, поразлични, независни филмски фестивали во Источниот Регион, со перспективна визија и подолгорочно одржлива платформа – вели Горан Тренчовски, директор на Филмскиот фестивал „Астерфест“, што беше отворен синоќа во Амфитеатарот во Струмица. Со режисерот Тренчовски, кој е основач на фестивалот, разговараме за тоа што ќе понуди 18. издание, како и како се развива фестивалот.
Задоволен ли сте како се развива фестивалот, како расте?
– Развојната патека на нашиот фестивал има природен ритам, како во животот, со сите вообичаени осцилации што ги содржи едно живо, веќе полнолетно, зрело битие. Низ годината постојано ги следиме актуелните филмови и автори од меѓународната и од домашната сцена и во догледно време ги исполнуваме критериумите за да станеме полноправен БАФТА и Оскар квалификациски фестивал, прв од таков вид кај нас. „Астерфест“ беше расадник на млади филмски таленти чиишто дебитантски филмови беа промовирани токму овде. Сега тие израснаа во авторски имиња кои веќе значат многу во филмскиот свет. Горди сме што ги препознаваме најновите тенденции и струења во авторскиот, кусометражниот и креативниот документарен жанр.
Поддршката од Агенцијата за филм варира, заслужува ли „Астерфест“ да биде препознаен како редок фестивал, посебно за овој дел од земјата?
– Секако дека заслужува. Битката со ветерниците трае и се надевам нема уште долго, но борбата за ферплеј во поглед на вреднувањето продолжува, иако во минатото доживеавме и многу непотребни понижувања. Како и да е, не отстапуваме од зацртаниот концепт и од фестивалската физиономија што ја промовиравме уште од самото основање, во 2005 година, откако станавме „трета катета“ на филмскиот триаголник, кога освен битолскиот и скопскиот, речиси и немаше други, поразлични, независни филмски фестивали во Источниот Регион, со перспективна визија и подолгорочно одржлива платформа. Со многубројните активности и со сите наслови, автори и соработници што поминале тука, „Астерфест“ остава неизбришлива трага и сите заедно испишуваме една мала историја на филмот, со големи амбиции и благородна мисија.

Кои се најважните настани и гости за фестивалот годинава?
– Каталин Ладик, жената што е легендарна икона на независната филмска и интермедијална сцена во Југоисточна Европа, е овогодишен лауреат на наградата „Астер“ за највисоки актерски достигнувања и таа ќе биде со нас цело време. Покрај неа ќе бидат и вредните македонски автори кои ќе имаат свои премиери и проекции на „Астерфест“, рамо до рамо со оние од разни страни на светот, па дури и од Австралија. За наградите ќе бидат задолжени членовите на жирито Гоце Ристовски, Дрита Фазлија и Мили Чумиќ. Имаме оскаровци, светски премиери, меѓу кои и нашиот „Лука“, имаме промоции и портрети, неформални размени на искуства, посети на тивериополските знаменитости, и секако, ќе имаме – ведро ѕвездено небо.
Изградивте ли публика во овие речиси две децении постоење?
– Публиката после кризата со пандемијата на корона е веќе вратена, тоа беше евидентно и лани, кога Амфитеатарот беше претесен за гледачите кои со огромен интерес бараа место повеќе за да видат дел од програмата, која не е само за филмофили, туку и за сладокусци. Ние сме фестивал од отворен тип, влезот е бесплатен и секој кој е заинтересиран доаѓа да гледа кино во поинаков амбиент, што ние многу го цениме.

Живеете на релација Британија-Македонија. Што работите во последниот период на професионален план?
– Во последно време сум доста ангажиран во сферата на едукацијата, во британски, европски и македонски проекти, при што своите знаења и искуства ги пренесувам на моите помлади колеги и студенти, што е едно прекрасно чувство кое носи инспирација за нови филмови, книги и астерфестовски изданија.





