Во Охридското Езеро археолози открија населба стара 8.500 години кај Поградец

Откритието го потврди д-р Алберт Хафнер, професор од Универзитетот во Берн. Археолозите велат дека ова е најстарата позната предисториска населба во Европа

Праисториска населба стара 8.500 години во Охридското Езеро откриле швајцарски и албански археолози кај селото Лин, во близина на Поградец, Албанија. Откритието го потврди д-р Алберт Хафнер, професор од Универзитетот во Берн. Археолозите велат дека ова е најстарата позната предисториска населба во Европа.

Археолошките истражувања биле во рамките на регионалниот проект EXPLO. Според Хафнер, еден од најважните резултати на проектот е што населбите на крајбрежјето на езерото во регионот се многу постари отколку што очекувале.

Проф. д-р Алберт Хафнер / Фото: Принтскрин

– Ова веќе го покажуваат податоците од Плоча и Охридати на македонскиот брег на езерото и Диспилио, во езерото Касторија во Грција. Сепак, најстарите датуми од Лин сега се од 100 до 200 години постари. Новото датирање според радиоактивен јаглерод C-14 нè израдува многу. Се приближуваме кон 6.000 година пред новата ера. Населбата Лин отсега ќе игра важна улога во истражувањата на регионот – вели Хафнер.

Истражувањата покажале дека областа Лин служела како место за развој на земјоделството, занаетчиството и риболовот пред околу 8.500 години. Хафнет објаснува дека земјоделството и сточарството водат потекло од Блискиот Исток пред околу 10.000 години, од каде се прошириле низ Анадолија, Егејското Море и Тесалија во регионот во тромеѓето помеѓу Албанија, Грција и Македонија.

– Тие одиграле клучна улога во ширењето на земјоделството и сточарството кон Централна Европа. Постоеле две главни рути по се ширела иновацијата: првата, позната долго време, го следеше текот на Дунав во северниот алпски регион. Вториот пат бил откриен многу подоцна. Водел низ Источниот и Западниот Јадрански Регион и преку големите острови Сардинија и Корзика кон устието на Рона. Оттаму, земјоделството и сточарството се прошириле на север. Така, во јужниот балкански простор, ширењето на новиот начин на земјоделство беше поделено. Згора на тоа, се прашуваме како е можно житарките приспособени на суви подрачја толку брзо да се приспособат на условите во езерската област на прилично висока надморска височина и обилни врнежи во Албанија, Грција и Северна Македонија. Секојдневниот живот на овие луѓе бил ист како и во сите рани аграрни општества во Европа. Веројатно била постојана борба за опстанок. Со мешана економија заснована на земјоделство и сточарство, но и со лов на диви животни, риболов и собирање растенија и мали животни, тие се труделе да бид3 што е можно поразновидна – вели Хафнер.

Тој објаснува дека и во копнените и во подводните истражувањата многу внимателно ги издвојуваат поединечните слоеви – вообичаена практика во археолошките истражувања долго време. Ново е што мапирањето го прават дигитално, користејќи високопрецизен сателитски GPS и дронови.

– Во датирањето ги користиме двата метода. За грубо датирање го користиме C-14. Тоа овозможува да се одреди органски материјал како дрво до 1-2 века. Другиот метод е дендрохронологијата, која овозможува прецизност до децении (кога се комбинира со методот на радиоактовен јаглерод). Во најдобар случај, дендрохронологијата може да обезбеди податоци за точната година. Со малку среќа, ова би можеле да го направиме за прв пат во Балканскиот Регион со проектот EXPLO – вели Хафнер.

Првите активности во рамките на проектот биле со шартнери од нашата земја, а тесно соработуваат и со грчката страна од EXPLO. Од 2018 година почнале првите контакти со археолозите од Албанија и соработката сè уште трае. Во моментот фокусот е на Лин бидејќи се надеваат дека оваа локација ќе биде алката што недостасува помеѓу грчките и македонските локации на кои претходно работеле.

Според Хафнер, локалитетот Лин моментално се наоѓа на 3 мети длабочина на вода и на земјиште под обработливо земјиште, исто така многу длабоко во земјата.
– За разлика од древните урнатини, ова не е директно видливо. Од друга страна, истражувањето на подводните населби нуди многу информации за секојдневниот живот што древните урнатини не можат да ги дадат. Во Алпскиот Регион крајезерските населби се заштитени како светско наследство на УНЕСКО. Ист квалитет имаат локалитетите во езерата на Балканот! Би било идеално да се формира некаков информативен центар за регионот, привлекувајќи внимание не само на Лин, туку и на сите крајезерски населби во поширокиот регион. На пример, нашите колеги од Оксфорд ги анализираат седиментите од Лин и Плоча и од зачуваните растителни остатоци и од животинските коски можат многу прецизно да кажат што се јаделе тогашните луѓе – вели Хафнер.

Подводни истражувања на Заливот на коските кај Градиште, Македонија / Фото: Завод и музеј – Охрид

Целта на проектот EXPLO е како целина подобро да ги разбере интеракциите меѓу човекот и животната средина на раните аграрни општества. Како луѓето ја користеле земјата, зошто се населиле овде и како се справувале со кризи.

– Всушност, тоа се истите прашања што си ги поставуваме денес. Исто така, сакаме да покажеме какви големи развојни чекори има направено човештвото за само неколку илјади години. Успешната приказна на првите фармери доведе до поголеми и посложени општества, технички иновации, но и до огромни популации, сериозни проблеми со животната средина, проблеми со пристапот до ресурси од секаков вид и глобални миграциски текови – дециден е Хафнер.

Истражувањата во Лин ќе продолжат и догодина. Археолозите се обидуваат да иницираат понатамошни проекти во регионот, но за тоа се потребни нови финансиски средства.

– Ископувањата се скапи и најсовремените истражувања денес се секогаш прашање на пари. Во Алпскиот Регион истражувањата се одвиваат во населбите покрај езерото веќе 150 години. Езерската област во Албанија, Грција и Северна Македонија е вториот најважен регион во Европа по алпската област со околу 1.000 локации и е далеку од истражен. Сè уште нуди голем потенцијал за генерации истражувачи – завршува Хафнер.

Линк до оригиналниот текст.
Фото: Принтскрин/ SYRI TV

Сподели