Австралискиот „Штипење“ вечерва го отвора 18. Астерфест во Струмица

Со краткиот игран филм „Штипење“ на режисерите Ејми Питмор и Ен Дворак, вечерва во 20.30 часот во Амфитеатарот во Струмица, ќе биде отворено 18. Издануе на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“. Фестивалот е со мотото „Со нови искуства“, а ќе ги прикаже новите тенденции во краткометражен, документарен и авторски филм.

Во програмската селекција има 23 исклучителни кратки играни филмови, документарци и анимации, кои се избрани од над 600 филмови. Филмските остварувања ќе се натпреваруваат за златна, сребрена и бронзена „Потковица“ и за неколку други награди.

На вчерашната прес-конференција се обратија и авторите и продуцентите на македонските филмови „Лука“ и „Сонцето не грее на сите страни“.

Годинашен добитник на наградата „Астер“ за животно дело е легендарната Каталин Ладик, филмска и театарска актерка и писателка, една од истакнатите, плодните и наградувани претставнички на алтернативната изведувачка уметност во поранешна Југославија и во Унгарија и една од влијателните европски уметнички во последните децении.

На „Астерфест“ ќе има и проекција на реставрираната верзија на долгометражниот игран филм „Планината на гневот“, во знак на петгодишнината од смртта на Љубиша Георгиевски и 55 години од продукцијата на филмот со Ристо Шишков во главната улога.

Официјалното стручно жири го сочинуваат: Гоце Ристовски, Дрита Фазлија и Мили Чумиќ.

Фестивалот е финансиски поддржан од Општина Струмица и Агенцијата за филм.

Сподели