Галичник филм фестивал го слави краткометражниот филм

33 краткомертажни филма во три дена и во три натпреварувачки категории, од вечерва ќе бидат прикажани на 4. Галичник филм фестивал. Во ревијалниот дел ќе биде прикажан долгометражен филм „Нешто слатко“ со Сашко Коцев и Јелена Јованова во главните улоги, со кој на 6 август ќе биде затворен фестивалот.

– Фестивалот прикажува разновиден избор на филмови од светската кинематографија и дава единствена можност и за етаблираните и за новите филмаџии да ги претстават своите филмови пред остроумната публика и да добијат признание за нивниот талент и креативност. Покрај филмските проекции, фестивалот е домаќин и на различни работилници, разговори и мастер класови, поттикнувајќи збогатена средина за размена на идеи и стекнување на знаења за учесниците, како и контакти меѓу професионалците од индустријата и аспиранти филмаџии – велат организаторите.

Дејан Дуковски ќе ја предводи Балканската сценаристичка работилница што ќе почне од денес, а Андреј Волкашин ќе го води мастеркласот за разработување на ТВ серии.
Жирито на фестивалот го сочинуваат: Сашко Коцев, Георги Унковски и Елена Станишева.

Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм, а главен спонзор е „Халкбанк“.

Сподели