Ископувањата се дел од повеќегодишните систематски истражувања на локалитетот Стакина Чешма кои даваат фантастични резултати
Мозаици од римскиот период истражуваа археолозите од Археолошкиот музеј во Скопје дворот на Анѓел и Румена Николови во Валандово. Ова не е ново откритие. Мозаиците се евидентирани уште во 70-те години, но никогаш досега не биле соодветно истражени. Македонските археолози немаат често шанса да ископуваат на приватно земјиште – не е приориотет, државата нема пари или сопствениците не дозволуваат пристап до културното наследство.

– Им благодариме на Општина Валандово за континуираната поддршка што ја даваат на истражувањата, „Гео сигнал“, локалното население и на Анѓел и Румена Николови кои ни дозволија да ги отвориме мозаиците во нивниот двор – велат археолозите од Археолошкиот музеј.
Раководител на истражувањата е м-р Радомир Ивановиќ од Археолошкиот музеј на Северна Македонија, кораководител е Мила Шурбановска, а учествуваа и археолозите м-р Перо Синадиновски, Филип Аџиевски, Благоја Китановски, Игор Ширтовски, Ване П. Секулов, д-р Мишко Тутковски, д-р Христијан Талевски и Даниела Стоилкова. Ископувањата се дел од повеќегодишните систематски истражувања на локалитетот Стакина Чешма кој дава кои даваат фантастични резултати. Сепак, годинава археолозите решиле да не работат околу Римскиот домус, туку биле поделени во две фази на други локации.

Првата фаза ја реализирале во мај, во непосредна близина на локалитетот каде со геофизичките истражувања спроведени во 2022 година се појавиле аномалии, интерпретирани како архитектонски остатоци. Втората фаза ја спроведоа во минатиот месецм – археолозите ги отвориле мозаиците откриени во 70-тите години на минатиот век.
– Резултатите од првата фаза на проектот ни дадоа нови информации од аспект на стратиграфијата на терасата на Анска Река. На длабочина од 2 метра пронајдовме културен хоризонт со доцноантичка кујнска и градежна керамика. Објектот што го истражувавме во втората фаза бил истражуван уште во 70-тите години, но за жал освен локацијата малку знаевме за него. За да изработиме целосна документација според модерните практики, да ги заштитиме мозаичните подови и да добиеме поцелосна слика за доцноантичкиот урбан центар во Валандово, решивме да ги отвориме овие одамна заборавени мозаични подови. Откривме две простории од поголем објект кои се каскадно поставени, бидејќи така наложува теренот. Двете простории се покриени со мозаични подови изработени во opus tessalatum со геометриски мотиви – објаснуваат археолозите.

На Стакина Чешма археолозите лани пронајдоа фонтана во велелепен објект од римски период. Археологот Ивановиќ тогаш објасни дека со простории со мозиачни подови со разни декорации, ѕидови обоени со црвена, зелена, сина, окер боја, објектот е вистинска реткост во македонската археологија. Според него, 4 век е можеби последниот мирен период кога луѓето можеле да живеат во низините, односно да не се кријат на укрепените места. Една од хипотезите е дека на оваа позиција егзистирал елитниот дел на градот и тука живееле луѓе од висок сталеж во тогашното општество.

Археолозите велат дела годинашните резултатите уште еднаш ја потврдиле хипотезата дека локалитетот Стакина Чешма не е осамен, туку дека под денешно Валандово лежи цел еден доцноантички урбан центар кој најверојатно бил многу поголем од денешниот град. Проектот се реализираше како дел од Годишната програма на Археолошкиот музеј финансиран од Министерството за култура.

(В.И.И.)
Фото: Археолошки музеј на Северна Македонија





