Слово за „Леб и сол“ по повод високите државни ордени за заслуги
Пишува: Венко Андоновски
Драги Гаро, Влатко, Кокан, Бодан и сите други кои повремено бевте дел од историјата на македонската (не само музичка) култура, и тоа под најскромното можно име на светот: „Леб и сол“ (не знам, ама претпоставувам дека во кумството прсти замешал и „невидливиот“ ваш петти член, драгиот мој колега, ингениозниот писател Горан Стефановски)!
Најпрвин, да ви се извинам што од лични причини не можев да присуствувам на церемонијата на која конечно, го добивте она што одамна го заслуживте: највисока државна чест. Му благодарам и на Претседателот, господин Пендаровски, што во време на политичка какофонија се сети и имаше уметничка доблест да одликува една македонска, светска, универзална симфонија.
Сакам со вас да споделам некои нешта, за кои, претпоставувам не знаете.
Штотуку замомчени, со тенки свилени влакненца под носот, што подоцна луѓето, откако ќе почнат да се расипуваат во општеството, и веќе нема да бидат деца верни на својот идеал ги викаат мустаќи, јас, Златко Ориѓански (денес познат музичар) и Мирослав Спасов (професионален, познат музичар и универзитетски професор кој живее во Велика Британија), значи – три анонимни момчиња од Влае, и самите почетници со музички инструменти, добивме од некаде една BASF магнетофонска касета (не се сеќавам, ама можеби ни ја даде легендарниот Оливер Белопета). На неа имаше снимено само една нумера: ако не се лажам, се викаше „Етида“. На касетата пишуваше, кирилично, „Леб и сол“. Таа „Етида“ и денес ми одѕвонува во ушите, и беше шок за нас: бевме убедени дека станува збор за странска група, но нè збунуваше тоа што името беше – македонско, и упатуваше на традиционалниот македонски обичај за добредојде – да се послужи дојденецот со леб и сол. Потоа дојде онаа ваша прва (со зелена корица) грамофонска плоча, на која сте сликани ВИЕ ЧЕТВОРИЦАТА (во скопскиот парк), која шокот го претвори во чудо.
Со денови и ноќи ја слушавме плочата и не можевме да се изначудиме: можно ли е Македонија да има такви, светски музичари? И ден-денес чувам една фотографија на која на истото место во скопскиот градски парк сме сликани ние тројцата, јас, Златко и Миро, кои мечтаевме: И НИЕ ДА БИДЕМЕ КАКО ВАС.
Потоа се заврте тркалото на вашиот југословенски и европски успех, како рулет на кој само добивавте, како да имаше само една бројка – вашата „Деветка“, првата нумера од првата плоча. Ние тргнавме секој по својот пат, но од вас ни остана една важна животна лекција: да бидеме СЕКОГАШ ПОДОБРИ ОД СЕБЕ. Да ги поместуваме границите на сопствените можности. Да правиме подвиг, зашто подвиг не е кога си подобар од другиот, туку од себе самиот. Подвиг е кога се надминуваш себеси. А вие тоа го правевте, секој ден, со многучасовно упорно вежбање и свирење. Свиревте (а ние тоа го знаевме, зашто како музички удбаши ги обиколувавме вашите куќи) и по девет часа на ден!
Затоа, ако случајно се сеќавате дека некои дечишта, што зимно време, изѕемнати и со модри носеви, ве дочекуваа пред зградата на месната заедница во „Тафталиџе“ (каде соседи беа Влатко и Бодан, и каде имавте проби), и ако ве прашуваа дали може да ве слушаат, ако се сеќавате на некои момчиња што ве дочекуваа пред бараката крај некогашен „Студентски збор“ со истата молба, ако се сеќавате дека некои младичи ги лепеа носевите на стаклото од просторијата на најгорниот кат од „Трговски центар“ (каде исто така пробавте), ако се сеќавате дека ни ја наштимавте првата акустична гитара (во дворот на Влатко), тогаш знајте дека тоа бевме ние. Венко, Златко и Миро.
Тоа бевме ние, кои уште тогаш знаевме дека (за нас!) Влатко, тој „рафален гитарист“ е подобар од Ален Холдсворт или Ал Ди Миола, дека Гаро, таа ритам машина чии раце пулсираат не во ритмот на срцето, туку во ритмот на хемоглобинот од крвта – е подобар од Били Кобем или Питер Ерскин, дека Коки, тој тивок лирик на бели (весели) и црни (тажни) клавиши е подобар од Чик Кориа или Џо Завинул, дека Бодан, меланхоличниот „фритлес“ басист е подобар од Стенли Кларк или Еберхард Вебер, а вие четворицата заедно подобри од „Софт Машин“ или „Ведер Рипорт“. Ајде, нека и не биде „подобри“ (младоста идеализира и додава, и затоа има што да троши, а староста мрчи и одзема, и затоа нема што веќе да изгуби), ама БАР – ЕДНАКВИ. Ние, драги наши музички гении, без вас не можевме ни да дишеме, ни да заспиеме, ни да се разбудиме, и тагувавме секогаш кога ќе ви се растуреше „поставата“ или кога ќе видевме дека во таа Југославија понекогаш нечесно се фаворизираа, во некои музички магазини, ваши југословенски колеги кои не ви беа ни до колена.
Можам книга да напишам за вас (не е исклучено „да се сретнете“ во некој мој роман), ама сакам ова слово да биде сосема кратко и топло. Ќе го завршам со она што мене ми е најбитно: ние го имавме Брисел во Тафталиџе и во Скопје, пред Брисел да стане метафора за Европа. Ние, со „Леб и Сол“ станавме европска и светска вредност, пред тие вредности да станат политички актуелни (зашто тогаш ЕУ не ни требаше, покрај онаа Титова Југославија како светски признаена политичка реалност – „неврзаните“). И најважно: со вас, драги мои, со „Леб и сол“, докажавме дека наша Македонија е навистина црква во смисла на уметнички чуда (Петре Андреевски), земја врз која Бог сложил рака за уметничка убавина! Оти, каква е космичката веројатност, од вкупната површина на земјината топка (510 милиони километри квадратни), четири музички гении да се родат на само 572 километри квадратни (Скопје), во ист град, во исто Ајнштајново време, притоа да се сретнат, да се запознаат и музички да бидат сродни, и уште – секој да свири различен инструмент (се разбира „НАЈДОБРО НА СВЕТОТ“), и да ни подарат музика која наликува на вселенска симфонија од најоддалечените галаксии, во кои „дури и ѕвездите шепотат (и пејат) на македонски“ (Анте Поповски)?
Таа веројатност е еднаква на нула, каква што е и веројатноста дека некоја мачка ќе помине случајно по тастатурата на компјутерот и ќе го отчука беспрекорно точно првиот стих од „Илијадата“ (како што велеше мојот драг професор Ферид Мухиќ), или дека врапчиња, како ноти, сами од себе ќе се наместат на пет жици од бандера, давајќи го првиот такт од „Одата на радоста“ (како што велам јас под инспирација на Мухиќ). А сепак, тоа се случи!
Значи, ништо не е случајно. Ако не е случајно, НАМЕРНО е. Ја оставам на страна очигледната божја намера да ни се случат „Леб и сол“ токму нам, во Македонија, и со хвала и похвала во ова слово ја славам вашата ЧОВЕЧКА, сизифовска борба да станете светски УМЕТНИЦИ. За тој труд кој го бара секоја добра намера, ви благодарам, зашто и јас немаше да бидам она што сум (каков и да сум и што и да сум) – без вас. Пардон: без Вас, иако множината од „Вас“ се пишува со мала буква.
На многаја лета, драги мои!
Август, 2023
Ваш Венко Андоновски





