Бронзен медал за Македонија освои средношколецот Давид Ставров на 6. Меѓународна економска олимпијада која од 25 јули до 2 август се одржа во Волос, Грција. Ова е второ учество на Македонија на овој натпревар. Покрај Ставров, од скопското приватно средно училиште од „Алгоритам“, на олимппијадата успешно се претставија и Стефанија Кузмановска од Математичко-информатичката гимназија во Скопје и Рина Толева и Давид Арсовски од гимназијата „Васил Антевски-Дрен“.
Лидерите на тимот беа Анета Гацовска-Барандовска и Стево Ѓоргиев од Природно-математичкиот факултет во Скопје и членови на Сојузот на математичарите на Македонија, здружение акредитирано за организирање на нашето учество на натпреварот.
– Нашиот тим се претстави и повеќе од одлично. Меѓу големиот број водечки економии во светот, го освоивме 22. место во генерален пласман. Не е малку да си во горната половина со така мал стаж. Посебно сме горди сме што годинава го освоивме и првиот медал на оваа олимпијада. Бронзата за нашата држава ја донесе Давид Ставров. Успехот е уште поголем зошто во вкупните поени се зема предвид и тимскиот успех при изработка на бизнис-студијата, каде нашиот тим заврши како втор во групата. Малку недостигаше да се вратиме со уште некој медал. Им честитаме на сите четворица од срце! Благодариме на сите кои придонесоа во подготовката на тимот и на оние кои финансиски ги поддржаа учениците да можат да учествуваат на олимпијадата во живо – велат од СММ.
На олимпијадата учествуваа 50 тима од 48 земји од светот. Учениците се натпреваруваа во три дела: знаење од економија, симулациона игра за финансиска писменост и бизнис студија. Олимпијадата се одржа во хибриден формат, а 15 тима присуствувале во Волос.
Домаќини на олипијатадата годинава беше Одделот за економија при Универзитетот на Тесалија од Волос. Македонскиот тим го сочинуваа учениците кои најдобро се пласираа на Првата македонска економска олимпијада одржана на крајот на мај во организација на СММ.