Во Атина почна снимањето на долгометражниот игран филм „Ритам на животот“ во режија на Америса Баста од Грција, по сценарио на Баста и Димитрис Накос, во копродукција со „Круг филм“ од Скопје. Снимањето ќе се одвива во текот на месецов на повеќе локации во Атина.
Приказната ја следи Лена, 20-годишна жена која живее во Атина, работи во локален супермаркет и живее со своето семејство. Поради тоа што живее сиромашно, а секојдневието и е исполнето со напнатост, таа сака да се исели и да започне свој живот. Сè се менува кога Лена кога ќе добие отказ истовремено дознавајќи дека е бремена. Што ако одлуката да го задржи бебето е единствениот начин да ја зачува работата?

Улогата на Лена ја толкува младата Елина Цорбаци, а останата екипа е составена од актери од Грција и од Албанија. „Ритам на животот“ е финансиски поддржан од филмските центри на Грција, Црна Гора и Кипар и од нашата Агенција за филм. Главен продуцент е „Соул продукција“ на Јоана Султани од Грција, а македонски копродуцент е Дејан Крајчевски од „Круг филм“. Ко-продуценти се и Деспина Музаки од кипарската „Брејкинг вејв продукција ЛТД“ и Немања Драговиќ од црногорската „Видеа продукција“.

Ова е прв долгометражен филм на Баста. Нејзините краткометражни филмови „Не утре“, „Чадор“, „Христос и Димитра“, „Евива“ и други, во изминативе десетина години учествувале на низа локални и меѓународни фестивали и постигнале голем успех.





