Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски со светска премиера во Венеција

Филмот ќе биде дел од натпреварувачката програма „Хоризонти““ и ќе биде во конкуренција за наградите за најдобар филм, режија, најдобро сценарио и специјална награда од жирито и најдобра машка и женска улога

Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ во режија и по сценарио на Горан Столевски, ќе има светска премиера на 80. издание на филмскиот фестивал во Венеција, што ќе се одржи од 30 август до 9 септември. Филмот е во продукција на „Лист продукција“ од Скопје, ќе биде дел од натпреварувачката програма „Хоризонти““ и ќе биде во конкуренција за наградите за најдобар филм, режија, најдобро сценарио и специјална награда од жирито и најдобра машка и женска улога.

– Се радувам што што со продуцентката Марија Димитрова се враќаме токму во Венеција, каде што за прв пат концептот за „Домаќинство за почетници“ го развивме во работилницата на Биенале колеџ синема во 2019. Во меѓувреме имавме прекрасно креативно искуство и створивме безброј убави спомени со нашата неуморна, феноменална екипа составена од ценети ветерани и возбудливи дебитанти. Мило ми е што сите емоции кои заедно ги вложивме во снимањето се најдоа и во завршениот филм, од кој бескрајно се гордеам – вели Столевски.

Горан Столевски

Третиот долгометражен филм на режисерот Столевски е негово прво остварување со макеодонски мнозиски удел. Неговиот дебитантски филм „Нема да си сама“ (You won’t be alone) беше премиерно прикажанлани на фестивалот „Санденс“, а истата година, неговиот втор филм „Доволно возрасни“ (Of an Age) го отвори Интернационалниот филмски фестивал во Мелбурн. „Домаќинство за почетници“ е финансиски поддржан од нашата Агенција за филм, а продуцент е Марија Димитрова од „Лист продукција“.

Директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски ја нагласува исклучителната важност на повторното учество на еден македонски филм на фестивалот во Венеција.

– Еден од најголемите амбасадори на македонската култура е македонскиот филм. Тој продолжува да ниже успеси и да биде рамо до рамо со европскиот и со светскиот филм. По многу години, Македонија лани со мнозински филм се врати во официјалната селекција на фестивалот во Венеција. Ова е куриозитет не само за Македонија, туку и за поразвиените европски држави, две години по ред да имаат свој филм во официјалната конкуренција на Венеција. Се надевам ќе успееме да освоиме значајни награди на најстариот филсмки фестивал во светот – вели Лазаревски.

„Домаќинство за почетници“ е приказна за универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале. Дита никогаш немала намера да биде мајка, но околностите ја присилуваат да ги згрижи малата немирна Миа и бунтовната тинејџерка Ванеса, ќерки на нејзината девојка. Гледаме битка помеѓу три своеглави жени кои полека прераснуваат во семејство и ќе сторат сѐ за да останат заедно.

Главните улоги во филмот ги толкуваат: Анамариа Маринка (позната по филмот „4 месеци 3 недели 2 дена“ од 2007 година, на Кристиан Мунгиу) и Алина Сербан од Романија, Владимир Тинтор од Хрватска, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од нашата земја. Во споредните улоги се нашите актерки Сара Климоска и Ајше Усеини, Розафа Целај од Косово и многу други професионални и непрофесионални актери од Македонија. Снимањето на филмот се одвиваше во јули 2022 година во Скопје, а постпродукцијата се работеше на релација Европа – Австралија и тоа во Мелбурн, Аделаида, Гетеборг и во Варшава.

Македонски автори кои работеа на филмот се Горан Столевски, кој покрај тоа што е режисер, се појавува и во улога на сценарист и монтажер, Наум Доксевски – директор на фотографија, Роза Трајческа Ристовска – костимограф, Александара Чевреска – арт директор и Горан Игњатовски – маскер. Покрај нив, авторската екипа на филмот ја сочинуваат: Ана Жежничек од Полска како сценограф, Леонора Мехмети Хоџа од Косово како дополнителен маскер, Ален Синкауз и Ненад Синкауз од Хрватска како композитори, Зоран Максимовиќ од Србија како снимател на тон и Ема Бортињон од Австралија како дизајнер на звук.

Филмот, дополнително е поддржан и од Полскиот филмски институт, Филмскиот центар на Србија, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Косовскиот кинематографски центар. Останатите партнери се: Мадантс (Полска), Кинорама (Хрватска), Сенс Продукција (Србија), Индустриа Филм (Косово), Танго (Америка), Филм-и-Васт и Комон Граунд Пикчерс (Шведска), Козаверј Филм и Аделаида Филм Фестивал (Австралија). New Europe Film Sales од Полска ги има светските права за продажба на филмот.

Филмскиот фестивал во Венеција е најстариот фестивал во светот и е дел од петтте најзначајни фестивали во светот од А категорија, заедно со фестивалите во Кан, Берлин, Торонто и Санденс. Ова е четврто претставување на македонски автор на овој фестивал, по „Пред дождот“ во 1994 и „Прашина“ во 2001 на Милчо Манчевски, „Судијата“ во 2002 на Жанета Вангели и „Најсреќниот човек на светот“ во 2022 на Теона Стругар Митевска.

Сподели