Во Античкиот театар утревечер, во 21 часот тој ќе настапи во „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец“. Ова е прво гостување на Малкович со театарска претстава во регионот, интересот е огромен, велат за Умно.мк од Охридско лето
Од Бразил, Холандија, Португалија и од земјите од регионов се купуваат билети за претставата во која холивидскиот глумец Џон Малкович утревечер ќе настапи на фестивалот Охродско лето. Малкович вчера попладне пристигна во Македонија и денеска ќе одржи прес-конференција во Охрид. На сцената на Античкиот театар утревечер, во 21 часот тој ќе настапи во „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец“ на авторот и режисер Михаел Штурмингер. Диригент е Мартин Хазелбoк. Со Малкович солистички ќе настапат сопраните Чен Реис и Сузан Лангбејн и оркестарот на Виенската академија.
– Ова е прво гостување на Џон Малкович со театарска претстава во регионот. Интересот е огромен, билетите се скоро распродадени. Евидентирани се купени билети од Бразил, Холандија, Португалија и од земјите во регионот – велат за Умно.мк од Охридско лето.
Според агендата, Малкович заминува од Македонија во четврток (27 јули), ден по претставата.
Фото: принтскрин / Mariinsky.tv
„Пеколната комедија“ е сценска изведба на австрискиот сериски убиец Џек Унтервегер. Отслужувајќи ја казната заради убиства, во затворот станува поет и писател. Тоа доведува критичарите да го сакаат и да го помилуваат, тврдејќи дека тој е „пример за рехабилитација“. Слободен, Унтервегер стана новинар и баран предавач, но и повеќекратен убиец. Фатен и повторно осуден, си го одзема животот.
– Оваа претстава ги спојува Малкович, оркестарот на Виенската академија и два прекрасни сопрана кои преку музика ги отсликуваат бесот, тагата и желбата за одмазда за жртвите. Според многумина оваа може да се нарече и нов жанр – велат од Охридско лето.
Пред повеќе од 10 години, додека бил диригент на оркестар во Лос Анџелес кој изведувал барокна музика, диригентот Хазелбок се прашувал зошто во Лос Анџелес нема никаква допирна точка помеѓу актерите и класичната музика.
– Случајно на вечера го сретнав Џон Малкович и го запрашав зошто овие две страни немаат никаков контакт. Така почна сè – вели Хазелбок.
Откако се сретнале неколку пати почнале да се договараат за текстот, какво да биде делото и во каков контекст да ја вметнат приказната за Унервегер.
– Не можам многу да зборувам за опера зашто многу малку знам за оваа уметност. Но, ова е фантастично искуство, за мене неверојатно едукативно. Ова дело се менува секоја вечер. Секој претстава е различна. Оперските пејачки, нивниот стил и изведба имаат огромен импакт во делото. Па кога пејачките се менуваат, се менува и делото – објаснува Малкович во прилогот за Марински.тв.
Фото: принтскрин / Mariinsky.tv
Џон Малкович е американски глумец, продуцент и режисер. Роден е на 9 декември 1953 година во Кристофер, (Илиноис). Неговите дедо и баба по таткова линија биле Хрвати, со потекло од Озаљ, кај Карловац, Хрватска, а мајка му имала шкотско и германско потекло.
Малкович најпрво се прославил на театарската сцена. По неколку улоги во телевизиски филмови, вниманието го привлекува со одличната улога на Беси во „Империја на Сонцето“ на Стивен Спилберг (1987), за следната година да брилира со улогата на благородникот Валмонт во „Опасни врски“ на Стивен Фреарс. Следуваат одличните улоги во „Предмет на убавина“ (1991) во режија на Мајкл Линдзи-Хог, „Луѓе и глувци“ (1992), „На линијата на огнот“ (1993), „Човекот со железната маска“ (1998), а во 1999 година се игра себеси во филмот „Да се биде Џон Малкович“. Во својата кариера имал две номинации за наградата „Оскар“, номинации за награда од Британската филмска академија и три номинации за наградата „Златен глобус“. Има настапувано во повеќе од 70 филмови.