Џон Малкович: Ја сакам оваа претстава бидејќи ги поврзува театарот и класиката

Во Македонија пристигнав вчера попладне и не можам да кажам ништо повеќе од тоа дека е прекрасна земја – рече Малкович

Вистината на сцената дава една посебна реалност која всушност ни ја нуди животот. Кога претставувате некаков карактер на таа сцена, имате многу мал дел од времето да претставите како тој опстојува и живее. И токму заради тоа се обидувате што поцелосно и повистинито да го претставите, рече холивудскиот актер Џон Малкович на денешната прес-конференција што се одржа во Охрид.

Малкович пристигна вчера во Македонија за да го портретира ликот на австрискиот сериски убиец Џек Унтервегер. Тој утревечер во 21 часот во Античкиот театар во Охрид ќе настапи во претставата „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец“ на авторот и режисер Михаел Штурмингер. Диригент е Мартин Хазелбoк, а со Малкович солистички ќе настапат сопраните Чен Реис и Сузан Лангбејн и оркестарот на Виенската академија.

Малкович појасни дека Михаел Штурмингер ја напишал претставата на негово и на барање на диригентот Хазелблок.
– Се сретнавме со Мартин и ја започнавме соработката со оркестарот на Виенската филхармонија. Ја сакам оваа претстава бидејќи на некој начин ги поврзува и театарот и класиката и глумата и е нешто иновативно што ја привлекува публиката. Секогаш ќе биде актуелна бидејќи насилството отсекогаш го имало и ќе го има меѓу нас – рече Малкович.

Тој првпат доаѓа во Македонија, регионот му е добро познат бидејќи работел во Хрватска, Србија и во Црна Гора.
– Во Македонија пристигнав вчера попладне и не можам да кажам ништо повеќе од тоа дека е прекрасна земја – рече тој.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска му посака да ужива во природните убавини, во одличната македонска храна и да се запознае со нашето културно-историско наследство. Таа рече дека ѝ е задоволство што по гостувањата на светски познатиот композитор Енио Мориконе, неповторливиот Хозе Карерас, славната Џеси Норман, маестро Зубун Мехта, белгискиот челист Миша Мајски, славниот диригент и композитор Кшиштов Пендерецки и многу други, сега и Малкович ќе влезе во низата ексклузивни уметници кои настапиле на Античкиот театар.
– Неговото присуство ќе придонесе за уште поголемо афирмирање на Охридско лето и на нашата држава – рече Костадиновска-Стојчевска.

Директорката на Охридско лето Наташа Поповиќ вели дека годинешново фестивалско издание ќе остане запаметено по гламурозната оперска дива, Анџела Георгиу, која приреди незаборавен концерт на свеченото отворање, но и по славниот актер, продуцент и режисер кој првпат настапува во Македонија.

– Ова само ја потврдува големината на Охридско лето, фестивал по кој нè препознаваат и вреднуваат насекаде во светот. Холивудскиот актер со проектот „Вечер на Џон Малкович“ предизвика огромен интерес кај публиката. Токму за овој настан се направени бројни резервации од целиот регион, но и од Бразил, Холандија, Франција, САД и многу други земји – рече директорката Поповиќ.

Како што истакна селекторката на драмската програма на фестивалот, Сања Арсовска, оваа претстава својата драматуршка структура и емотивна архитектура ја гради врз две спротивности – комедијата и психолошката драма.

Сања Арсовска, Бисера Костадиновска-Стојчевска, Џон Малкович и Наташа Поповиќ (од лево кон десно)

– Од една страна серискиот убиец со лесна духовитост и луцидност ги нижи настаните од својот живот и ја лови публиката во една мрежа од ироничен хумор. И додека публиката мисли дека е заловена во една таква комична атмосфера, на сцената започнува еден вистински пекол придружен со оркестар и силни сопрани, Унтервегер започнува да ги вади демоните од себе кои ја опседуваат сцената. Таа приниклива игра помеѓу комедија и пекол се провејува низ целата претстава. А за сите силни чувства во претставата е задолжен Џон Малкович еден од најголемите и најбрилјантните актери во времето во коешто живееме, а и на сите времиња – рече Арсовска.

„Вечер на Џон Малкович“ се реализира со поддршка од амбасадата на Соединетите Американски Држави во земјава, Владата и Министерството за култура.

Фото: Министерство за култура

Сподели