Нашиот придонес за проектот Othernity е со наслов MO·NU·MENTS со фокус на трафостаницата на улица „Доб“ – инфраструктурен објект во Будимпешта, кој со својот изглед и поставеност претставува монумент во простор, вели Мирјана Лозановска
Архитектонското студио KONNTRA основано од Мирјана Лозановска, Силвија Шалева и Ерик Јуришевич учествува на годинашното 17. Венециско биенале за архитектура во рамките на проектот Othernity – Reconditioning our Modern Heritage, изложен во Унгарскиот павилјон. Проектот даде одговор на прашањето: Кои се можностите што ги поседува модерната архитектура како културно наследство и што таа им нуди на архитектите во иднина? Иако Македонија учествува на биеналето во рамките на националните партиципации со проектот „Сега“ во организација на Националната галерија на Македонија, на престижната манифестација свое учество обезбедија и наши архитекти во рамките на други претставувања.

KONNTRA – Мирјана Лозановска, Ерик Јуришевич и Силвија Шалева
Интернационалното архитектонско студио KONNTRA (Словенија/Македонија/Хрватска) учествува во проектот заедно со уште 11 архитектонски пракси од Централна и Источна Европа. Целта е да се ревидираат 12 објекти изградени во периодот на модерната архитектура во Будимпешта, нудејќи можност за усогласување на архитектурата од минатото и иднината.
– KONNTRA е препознатливо по архитектонскиот пристап на современ, карактеристичен и колоритен графички израз за презентирање на архитектонските проекти. Изминатите три години имавме исклучително успешни резултати во низа натпревари од областа на архитектурата и дизајнот на интернационално ниво. Студиото е формирано во Хрватска, Македонија и Словенија. Карактеристично е тоа што како интернационален тим се обидуваме да прикажеме еден нов и поинаков начин на проектирање и реализирање на проектите. Обликувањето на визуелните прикази за секој наш проект поминува низ повеќе фази, за на крај да се направи и прикаже нешто уникатно и ново. Секој нов проект е предизвик за нас, претставува шанса за натамошно развивање и е доказ за успешна соработка помеѓу македонски, хрватски и словенечки млади архитекти – вели Мирјана Лозановска, една од основачите на студиото.
Објаснете ни повеќе за концептот на проектот изложен во Унгарскиот павилјон.
– Проектот на тема Othernity е прв меѓународен проект во историјата на постоење на Унгарскиот павилјон во Венеција и затоа е особено важен. Целта на поставката е да покаже нов, колаборативен метод за преиспитување на заштитата на архитектонското социјалистичко наследството. Изложбениот простор е поделен на два дела: по пристапување во централниот главен атриум на десната страна од павилјонот претставува приказ на минатото и сегашноста, додека на десната страна се предложени нови развојни перспективи и ставови на учесниците. Особено е важен пристапот и начинот на оваа заедничка интернационална соработка. Проектот претставува одличен пример кој многу успешно одговори на годинашното Биенале: „Како ќе живееме заедно?“

Нашиот придонес за проектот Othernity е со наслов MO·NU·MENTS со фокус на трафостаницата на улица „Доб“ – инфраструктурен објект во Будимпешта, кој со својот изглед и поставеност претставува монумент во простор, во кој постоечката и функционална инфраструктура е сокриена. Монумент кој служи како сведок на одредена архитектонска ера.
Архитектурата и јавните простори претставуваат важни компоненти на урбаниот пејсаж, но што е со техничката инфраструктура на градот?
Конекцијата помеѓу инфраструктурата и урбаниот развој е главна тема во урбанистичкото планирање. Но, дизајнерскиот аспект има важна улога во креирање на оваа инфраструктура.
Овој објект претставува пример за спој помеѓу инфраструктурна функција и јавен објект, проект преку кој е предвиден урбан простор што овозможува нови средби и интеракции, место за нови можности и собири. Овозможувајќи инфрастуктурата да биде нешто повеќе од само заборавен елемент на градскиот пејзаж, овој пат предложена е поинаква улога. Овој објект, освен што се смета за главен инфраструктурен објект во центарот на Будимпешта, станува платформа за јавноста: архитектонска платформа за интеракции и настани.

MO·NU·MENTS – како елемент во Унгарскиот павилјон, создава две различни гледишта. Од една страна ја претставува денешната инфраструктура, односно монумент на една недопрена и загрозена инфраструктурна целина како што е трафостаницата на улица „Доб“. Од друга страна пак, е поставен монумент што се користи како јавен простор и место за јавно говорење. Без оглед на нејзината првична функција, инфраструктурата може да се користи на различни начини. Апстрактниот елемент нè потсетува на скалила или мал аудиториум, кој може да се користи како место за одмор по неколкучасовната прошетка низ Џардини, место за јавно говорење критикувајќи го уривањето на модерното наследство, како елемент на уметничка изведба, аудиториум за прикажување филм, итн. На крај, инфраструктурата станува платформа за заедништво и симбол на демократија.
Дали во проектот се вклучени објекти од социјалистичкото архитектонско наследство на Македонија?
– Проектот го претставува унгарското градителско наследство од периодот на модерната. Секако ние и сите учесници имаме познавање на тој правец и стил во архитектурата, бидејќи сите потекнуваме од Централноисточниот Регион на Европа. Отворањето на прашања како: Која е причината за (не)интересот за социјалистичкото, материјално – културното наследство и неговата монументална уметност? Кој е културниот, економскиот и општествениот потенцијал на ова минато и како тоа се вклопува во денешните урбани планови и современото осмислување на просторот?

Прашања кои се актуелни и кај нас во Скопје. Но во овој проект се однесуваа на ситуацијата која е настаната во Будимпешта. Така нашата поврзаност со темата е многу силна бидејќи и ние потекнуваме од општество во кое како архитекти сме сведоци на несоодветен однос кон овој стил на архитектура. Селектираните објекти со локација во Будимпешта се изградени во втората половина на 20. век, за време на социјалистичкиот политички режим, и покрај нивните вредности, тие денес се соочуваат од опасност за уривање, преобликување и сл. Архитектите од Централна и Источна Европа одлично ги познаваат и разбираат дилемите во врска со зачувувањето на регионалното архитектонско наследство, па нивниот став е со веќе стекнатото професионално европско искуство на оваа тема. Една од карактеристиките на нивните проекти е експерименталниот став кој ни укажува една меѓународна насока, придружена со свежа визуелна форма на архитектонско изразување.
Во проектот учествуваат 12 архитектонски студија од повеќе европски земји. Како дојде до соработката?
– Othernity е првиот проект во историјата на Унгарскиот павилјон кој се базира на широка меѓународна соработка. Во исто време, претставува и практична соработка, истражување за заштита на архитектонското наследството и израз на нашето убедување дека архитектурата на иднината може да се гради врз минатото за да се постигне соодветна флексибилност, соодветна одржливост и силни врски на идентитет. Оваа соработка беше овозможена и иницирана за да инволвираат релативно млади пракси од полето на архитектура и дизајн кои работат и творат во Централноисточниот Регион на Европа. Со претпоставка дека имаме слична позадина на образување, политички режими, но различни искуства. Нашиот напор и посветеност со KONNTRA да се инволвираме во интернационални соработки, публикации нè доведе до овој проект, каде имавме можност да дадеме придонес и да бидеме изложувачи на Унгарскиот павилјон во Џардини.

Изложбата е поделена во два дела: делот LAB ги претставува документирани историските елементи на 12-те објекти, додека делот SHOWROOM ги претставува 12-те современи архитектонски рефлексии од сите учесници – студија. Структурата на двата дела е изградена со пресликување на параметрите на изложените објекти: двата наратива се неразделни еден од друг и може да се разберат само во контекстот на другиот.
KONNTRA e архитектонско студио со база во Словенија, Македонија и Хрватска. Колку оваа регионална соработка ви помага да ги пробивате границите во изнаоѓањето на нови архитектонски решенија?
– За сите наши проекти можеме да кажеме дека се направени со еднакво внимание, посветеност и ентузијазам. Тоа што доаѓаме од различни држави, растојанието и различноста помеѓу нас не е препрека, напротив, заеднички и тимски го искористивме како прилика, односно како позитивна страна да ги споделиме нашите различни гледишта кон архитектурата и да ги сплотиме идеите, сѐ со цел да се продуцира што е можно поквалитетна и уникатна и современа архитектура.

Што значи учеството на Венециското биенале за архитектура за еден млад архитект?
– Венециското биенале претставува една од најпрестижните организации на светско ниво. Секако дека оваа соработка ни донесе одлично искуство и можност да го претставиме нашиот проект. Но, вреди да се спомене дека овој проект придонесува и да се надградиме на професионално поле. Основата на секој од овие проекти е усогласенот на тимот, знаењето и разбирањето на сите идејни и технички аспекти на проектот, добра комуникативност на проектот со публиката и неговата промоција.
Учесници: A-A Collective (Poland / Denmark / Switzerland), Architecture Uncomfortable Workshop (Hungary), b210 (Estonia), BUDCUD (Poland), KONNTRA (Slovenia / North-Macedonia / Croatia), LLRRLLRR (Estonia / United Kingdom), MADA (Serbia), MNPL Workshop (Ukraine), Paradigma Ariadné (Hungary), PLURAL (Slovakia), Vojtěch Rada (Czech Republic), Studio Act (Romania).
Национален комесар: Julia Fabényi
Куратор: Dániel Kovács
Кураторски тим: Attila Róbert Csóka, Szabolcs Molnár, Dávid Smiló
Организација: Ludwig Museum – Museum of Contemporary Art
Со подршка од: Ministry of Human Resources
За повеќе информации за проектот и соработката може да проследите на платформите на студиото KONNTRA и OTHERNITY.
Фото: KONNTRA





