Кога раскажаниот „Срам“ станува заводлив

Во серија текстови ѝ посветуваме внимание на независната продукција која беше дел од 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп. Оваа сцена покажа дека заслужува внимание, дека е храбра и модерна. „Срам“ е на независната продукција „Тииит! Инк.“, а креативни соработници се Милош Б. Андоновски, режисер и Ева Камчевска, драматург

Пишува: Звонко Димоски

„Срам“ е осмислен како интерактивен авторски перформанс на актерката Ангела Стојановска за простувањето со срамот од телото, од храната, од животните одлуки, од другите и од живеењето во оваа земја. Шармантната заводливост и често кревката носталгија на Стојановска, насобраната публика во кафе-галеријата „Лувр“, публиката ја прошета низ значенските животни периоди и одредените точки во него преку почувствуваните најголеми срамови, преку бројни корелации раскажани преку храната, готвењето и јадењето од една страна, а растењето, тинејџерството, семејството, заедницата и општеството од друга страна. Како и подоцна споделената лична листа на срамови со публиката.

Публиката многу брзо стана дел од раскажуваниот свет на Стојановска преку првичниот „конкурс“ за храна која ги исполнува сите нејзини четири критериуми за храна: мирис, боја, текстура, вкус. Сурово поставените критериуми за храна потоа кореспондираат со тегобните исчекувања и очекувања за сопствениот изглед, телесноста и целиот последователен живот. Целото животно искуство, како трајно запишано на телото, останува динамично раскажано и значенски подвлечено преку процесот на готвење на омилената касато-торта, односно создавање на тежински паузи при етапите на нејзиното спремање, како значења за искуствата, односно срамовите (видени од Стојановска и како животни грешки) чии белези се најтрајни: навреди од наставнички во школо и професори на факултет, запишување на Драмски, невработеност, љубовниот живот и апликацијата за состаноци Тиндер, откриениот вибратор во нејзината соба итн.

Ангела Стојановска

Начинот на кој Стојановска го донесе перформансот, исто така покажува дека на современото тело може да се гледа не само како перформатив, како авантура на станување себеси, не само како простор за создавање на сопствен идентитет, туку и како комерцијализиран, медицински, прилагодлив и продажен (трговски) објект и колку денес е тешко да не се стане производ на модата, потребите на потрошувачите, друштвото, општеството, медицинските барања и можности, заплеткани во мрежниот живот и процедурите на социјалниот инженеринг.

Покажувајќи ѝ на публиката зошто и како се справува со срамот, со цел да настапи финалното прифаќање на себеси и раскрстување со сите свои срамови, Стојановска, исто така, успеа да ја убеди публиката дека раскажаниот срам престанува да биде срамен, смешен, гаден итн., и станува заводлив.

Перформансот „Срам“ е развиван за време на ковид-пандемијата, во рамки на платформата за изведувачки уметности на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско – испробување феминистички иднини“.

Сподели