Ликовната инсталација „Импулси, одблесоци, треперења…“ на авторот Перо Кованцалиев, ќе биде поставена вечерва во 21 часот пред платото на Домот на културата во Гевгелија. Станува збор за кинетички монументален рефлективен објект во физичката стварност и претставува одраз на убавото и непознатото како едно во општествениот систем. Создава визуелни вибрации од површински бранувања и треперења, кои не откриваат ништо повеќе од тоа што се.
-Кинетичката инсталација го доближува убавото и непознатото, присутно како дел од технократската култура во нашето секојдневие и тежнее кон нејзино редефинирање во општествените културни сфери. Ликовната инсталација ја сочинуваат неколку кинетички објекти кои се придвижуваат со електрични мотори аплицирани на различни метални конструкции што образуваат различни движења. Овие метални системи се прикриени од текстилен материјал со рефлектирачки особености. Објектот е осветлен со RGB LED Lights чии светлосни зраци се рефлектирааат неконтролирано во просторот .
Оваа инсталација авторот ја презентираше и на Фестивал на светлината што се одржа во Градскиот парк во Скопје во септември 2022 година.





