На следните броеви можете да донирате за Луна: A1 143-478, T-mobile 143-103,
Go Fund Me: https://gofund.me/45bc4a15
Центарот на Гевгелија во последните три дена потсетува на убаво место полно со дечиња кои покажуваат колку се вредни – ги продаваат своите домашно направени колачиња, мафини, крофни, лимонади и слично, се со една цел – да ù помогнат на 14-годишната Луна да стигне побрзо на итна операција во Турција. 80.000 евра ја двојат нејзината мајка Елена Поп-Костова за да ја реализира својата мисија и да му помогне на своето девојче кое боледува од спастична церебрална парализа, а во последните неколку години Луна се бори и со сколиоза во последен стадиум, болест што е животно загрозувачка.
Операцијата треба да се изврши во болницата „Аџибадем“ во Турција најдоцна до август.
Поучени од позитивниот пример на девојчето Нина од Нови Сад, кое со продавање крофни му помогна на татко си. Приказната во Гевгелија ја започна 11-годишната Силвија, која ги продаваше своите мафини во локална продавница за здрава храна.

– Состојбата на Луна е драстично влошена во последните месеци. Се одлучивме за лечење во странство, чекавме да ни одговорат дали ќе се нафатат да ја извршат операцијата. Затоа ни е важно до крајот на август да ги имаме средствата. Гестот на децата и нивните семејства многу ми значи, дека сфаќам дека заедно можеме многу повеќе. Се почна од гестот на 11-годишната Силвија, па по неа почнаа и други дечиња. И најпријатно сум изненадена од подадената рака од луѓе што и не го познавам лично. Им благодарам и на градоначалникот Андон Сарамандов и на сите одговорни фирми и поединци што досега ни подадоа рака. Апелирам до сите хумани луѓе, не само во Гевгелија, туку и цела Македонија, да ми помогнат во битката за Луна – вели Елена Поп-Костова, која е мајка на пет деца, а Луна е близначка.

Кога умот пребива во срцето, сè е јасно што треба да се прави за да се помогне. А за тоа најголем пример се децата. Да се избориме заеднички и да ù овозможиме на таа мајка да не се грижи за тоа дали ќе има пари да го однесе своето дете на лечење во странство, дали ќе има кај да престојува, вели Влатко Хаџи-Николов од Гевгелија. Тој можеби и најдобро знае низ што поминува оваа мајка, со оглед на тоа дека неговиот помал син Дамјан исто така успешно се лекуваше во Турција пред една година од Бета таласемија мајор. Сега Дамјан и неговиот брат Петар, заедно со мајка им Лидија прават колачиња и мафини за Луна.

– Зар не е доволна болката во срцето кога знае дека има болно дете и секој ден бдее над него, надевајќи се на Бога дека еден ден ќе биде исцелено од болеста и да се радува на животот. Ние како родители бевме затекнати во таква ситуација и сфаќаме колку е неизвесно сето тоа, но сепак не бевме сами. Многу сме благодарни на многу роднини, пријатели, сограѓани, па дури и луѓе од многу други градови и села и држави и многу деца кои земаа учество во таа мисија да ни овозможат лечење во странство. Децата кои имаат искрена желба да помогнат одеа од куќа до куќа, цртаа и продаваа цртежи, одеа со кутии за донации по фудбалски турнири, сè со цел да се овозможи да се соберат средства за сигурно лечење за нашиот син. Еве и сега, кога се собираат пари за малото девојче Луна, тука сме и ние, да помогнеме инспирирани од такви примери на деца и родители и многу хумани луѓе. Мојата сопруга Лидија прави секој ден по стотина мафини колачиња, синовите ù помагаат дома, па ги носат на плоштадот и ги продаваат. Други деца прават крофни, трети продаваат сокчиња, вода, лимонади и сите хумани луѓе заедно и неуморно учествуваат во истата мисија за поздрав и подобар живот на нашата мила Луна. Кога се сака, секогаш може да се помогне! – вели Влатко Хаџи-Николов.

На следните броеви можете да донирате за Луна:
A1 143-478
T-mobile 143-103
Go Fund Me: https://gofund.me/45bc4a15

Фотопортретот на Луна од авторот Тоше Огњанов беше дел од изложбата „И јас сум тука“ во 2021 година





