„Арт Поинт – Гумно“ одбележува 20 години постоење

„Убавина уловена пред да исчезне“ е насловот на големата ретроспективна изложба со која „Арт Поинт – Гумно“ од демирхисарското село Слоештица ќе одбележи 20 години креативно делување. Изложбата ќе биде отворена задутревечер (17 јуни) во 20 часот во Офицерскиот дом во Битола.

– Поминаa точно две декади откако германскиот уметник Хубертус Хес претвори дел од старата дрвена ограда на чардакот во „Ангел чувар“ на гумното во Слојштица. Со ова, симболично отпочна делувањето на визионерската рожба на семејството Андреевски – меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт Поинт – Гумно“. Низ годиниве, на креативното гумно продефилираа, ни помалку, ни повеќе – 80 врвни уметници од целиот свет – велат Ирена и Сергеј Андреевски.

Ќе биде изложен дел од извонредното уметничко богатство – 65 слики, скулптури и фотографии, низ кои провејува убавината што уметниците ја доживуваат за време на гостувањето. Изложбата ќе ја отвори младата македонска писателка, уредник и преведувач – Јулијана Величковска, којашто вели дека секоја посета на ова единствено гумно ја доживува како празник.

За „Арт Поинт – Гумно“ велат дека е расадник за регрутирање на културни амбасадори за Македонија оти, освен што создаваат дела инспирирани од магијата на модрата планина и сè што пулсира во и околу неа, уметниците волонтираат и во бројните проекти што центарот ги спроведува во соработка со локалната заедница и се запознаваат со нашето бесценето културно и природно наследство.

Планирано е есенва поставка да биде изложена пред скопската публика, во Младинскиот културен центар во Скопје. Организаторите планираат јубилејот да го одбележат и со други настани. Ќе бидат организирани и неколку тематски изложби: „Последните селани“ во Центарот за култура и релаксација „Еригон“ во Слоештица; во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, ќе биде претставена драгоцената фото-документација за рурален Демир Хисар што низ годиниве ја направија претставниците на престижната Либеречка школа за фотографија од Чешка, а во галеријата во Слоештица, единствена уметничка галерија во едно македонско село, преку целата година ќе бидат организирани тематски изложби.

Фото: дизајн на плакат Јасмина Главинче

Сподели