„Успение на Пресвета Богородица“ од 14 век ги открива постарите слоеви фрескоживопис

Црквата „Успение на Пресвета Богородица во минатото била главна манастирска црква на Лешочкиот манастир

Постари слоеви од живопис открија конзерваторите во црквата од 14 век, „Успение на Пресвета Богородица“ во Лешочкиот манастир, Тетовско. Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вчера го посети споменикот каде конзерваторите наишле на трислојно сликарство на фрескоживописот.

Конзерваторскиот проект за ѕидното сликарство во црквата го реализираат стручни екипи од Националниот конзерваторски центар од Скопје. Работата се одвивала етапно, во изминатите три години, информираат од Министерството за култура.

– Со истражувачките активности беа потврдени двете претходно евидентирани фази на живописот од 19 век и 17 век, а за најстариот, трет слој живопис постоеја само пишани извори.

Сега тие добија потврда. Третиот слој се наоѓа во олтарот, во долната зона, под слојот од 17 век и се работи за фигура на архиереј во цел раст со свиток во раката — велат конзерваторите.

Тие додаваат дека точниот период на датирање на новооткриениот слој ќе го соопштат историчарите на уметноста. Конзерваторот Владо Мукоски информираше дека живописот од 17 век ќе биде поставен на носач, за да може да се поместува и да се види и постариот слој под него. Тие користат иновативни методи за да ги презентираат живописите и од 17 и од 19 век.

Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска го поздрави откритието на конзерваторите и ја нагласи важноста од развивањето и унапредувањето на конзерваторската дејност во нашата држава. Таа додаде дека годинава за заштитата на културното наследство се издвоени 164 милиони денари.

Фокусирани сме и на соработката и на поддршка од фондовите од меѓународни инстутуции. Заштитата е скапа работа, а стручниот кадар е дефицитарен. Мора да работиме и во оваа насока – рече Костадиновска-Стојчевска.

Црквата „Успение на Пресвета Богородица во минатото била главна манастирска црква на Лешочкиот манастир. Таа се наоѓа во југоисточниот дел на манастирскиот двор и е една од најстарите добро сочувани цркви во Полог. Според историски извори црквата е подигната врз постаро култно место во византискиот период кога Лешок бил градска населба. Досега сочуваниот живопис потекнува од два периода, од 17 и 19 век и се толку мајсторски искомпонирани што претставуваат една целина за посетителот.

Живописот на олтарот и нартексот е од 19 век. Во олтарот тој е нанесен врз постари живописи, така што се гледаат три слоја. Живописот од 17 век е доста интересен, бидејќи во себе содржи елементи од класична византиска уметност од 14 век и белези на барокот. Во црквата има и иконостас кој е изработен во 1879 година од галичанецот Михаил Ѓурчинов.

Заштитата на црквата во изминатите пет години е издвоен како приоритет во Програмата на Владата, а Националниот конзерваторски центар со средства од Министерството за култура, изврши препокривање и архитектонска консолидација на објектот.

Сподели