Резиденцијална палата на акрополата веројатно имала и бања каква што има на Вардарски Рид кај Гевгелија за кој се препоставува дека е македонскиот град Гортинија, но и во кралските палати во Вергина и Пела
Кај кумановоското село Младо Нагоричане пред 2.300 години постоел значаен антички град со непознато има кој бил тесно поврзан со медитеранските цивилизациски центри. На ридот живееле владетели кои биле блиски и поврзани со македонското кралство на југ. Општествените услови по смртта на Александар Македонски и големата акумулација на богатство во кралството овозможиле развој на локални, богати поединци кои биле добро запознаени со античката македонска култура и направиле напор да ја внесат и развијат и во северните делови на денешна Македонија.

Акропола, резиденцијален објект
– Овие наши сознанија во голема мера ги менуваат досегашните официјални истории за изолираност на регионот во културните достигања на хеленистичкиот период – вели археологот Дејан Ѓорѓиевски, виш кустос во кумановскиот музеј кој раководи со ископувањата на локалитетот од 2018 година до денес.
Археолозите од Музејот во Куманово и годинава работеа на северниот дел од објектот на Акрополата за да утврдат дали е стоа (пазариште), повеќе објекти или нешто поголемо.
– Со откривањето на неговите северни граници, можеме да заклучиме дека целиот највисок дел на ридот бил искористен за градење на само еден голем објект, кој според својата форма, бил од резиденцијален тип, односно палата. Градбата ја карактеризираат неколку уникатни содржини. Тука се пронајдени целосно сочувани јонски капители и бази од предримски период, односно од 4 и 3 век пред новата ера кои, за сега, се единствени од ваков тип во денешна Македонија. Градбата има и просторија во која била складирана вода, градена со под од малтер, и со тоа асоцира на бања каква што има на Вардарски Рид кај Гевгелија (македонскиот град Гортинија), но и во кралските палати во Вергина и Пела – вели Ѓорѓиевски.

Тој објаснува дека самата архитектура е скоро иста со богатите куќи од Олинт и Пела – има атриум со перистил, пропилон како влезен дел и помали простории кои гравитираат кон отворениот двор. Она што ја издвојува градбата од останатите од овој период е боениот малтер на ѕидовите.
– На тој начин, заедно со откриените ѕидови во владетелската палата на Кнежје, објектот на Теќе кај Отовица и т.н. „стоа“ на Вардарски Рид, новите наоди ги побиваат тезите дека малтерните ѕидови кај нас се јавуваат првпат со доаѓањето на Римјаните. И не само тоа, најблиските аналогии ги наоѓаме во т.н. ѕидарски (masonry) стил во хеленистичкото сликарство, и тоа најмногу со богатите куќи од македонската престолнина Пела. Скоро идентичен распоред на бои, техника и стил, кој подоцна ќе го адаптираат Римјаните и ќе биде наречен како „прв помпејански стил“ се јавуваат на ѕидовите од објектот на Нагоричино. Сличности со Пела се забележуваат и во системот на транспорт и филтрирање на вода. Како најдобар показател за тесната поврзаност на овој објект со македонското кралство на југ се и годинашните наоди од аплики за врата. Покрај стандардните, кружни умба кои се среќаваат на поширока територија, откриени се и неколку со издаден и профилиран врв. Идентични такви наоди има на вратите од гробницата во Агиа Параскеви кај Солун, прецизно датирани кон крајот на 4 и почеток на 3 век пред новата ера – вели Ѓорѓиевски.

Според него, досегашните показатели водат до заклучок дека целиот дел од врвот на локалитетот е искористен за градење на еден голем објект. Покрај многуте движни наоди кои сугерираат поврзаност со античката македонска култура, а кои можат да се протолкуваат како трговски врски, постојат многу архитектонски елементи кои укажуваат на континуитет во знаењето при градењето на слични вакви објекти во централните македонски градови на југ.
– За сега, можеме само да претпоставиме дека општествените услови по смртта на Александар Македонски и големата акумулација на богатство во кралството овозможиле развој на локални, богати поединци кои биле добро запознаени со античката македонска култура и направиле напор да ја внесат и развијат и во северните делови на денешна Македонија. Овие наши сознанија во голема мера ги менуваат досегашните официјални истории за изолираност на регионот во културните достигања на хеленистичкиот период. Уште повеќе, некои наоди го издигнуваат овој локалитет како еден од најзначајните истражувани досега – дециден е Ѓорѓиевски.

Наоди на локалитетот
Екипи на Музејот во Куманово континуирано го ископуваат локалитетот Градиште од 2014 година. Првите ископувања беа иницирани од страна на Управата за заштита на културното наследство и финансирани како капитален владин проект, благодарејќи на големото откритие на депо од пајонски монети (13 сребрени монети на кралот Аудолеон – 2 тетрадрахми, една дидрахма, 10 драхми). Во периодот од 2014 до 2017 ископувањата беа изведувани во партнерство со Филозофски Факултет Скопје, под раководство на проф. Марјан Јованов. Во тој период е работено на највисокиот дел од локалитетот, каде што е пронајдена поголема градба со бројни движни наоди.

Од 2018 година локалитетот самостојно го ископуваат тимови од кумановскиот музејкои работеа и на други сектори на локалитетот – Средна и Долна тераса. Таму се пронајдени внатрешни одбранбени ѕидови и интервенции во карпа кои веројатно зборуваат за постоење на светилиште во кое биле изведувани ритуали. Паралелно со ископувањата, кумановскиот музеј за првпат спровел геофизички истражувања на локацијата. Во соработка со Археолошкиот музеј скенирани се најважните површини кои следните години ќе бидат од интерес за ископување.
– Годинава ископувањата беа повторно насочени повторно на највисокиот дел на ридот, односно на дооткривање на содржините од истражуваната градба. Значењето на овој локалитет за музејската збирка на Музејот во Куманово е огромно, затоа што претставува единствен истражуван локалитет од перидот непосредно по смртта на Александар Македонски (323 г.пр.н.е). Наодите скоро 100 отсто ја сочинуваат хеленистичката збирка на музејот, која претходно беше составена од само неколку предмети – вели Ѓорѓиевски.

Фрагменти од боен малтер на Градиште
За него уште поважно е што дел од овие наоди се уникати и за сега се единствени по музејските збирки во Македонија, што е за големо изненадување, знаејќи ја местоположбата на кумановскиоте регион и оддалеченоста од македонските центри – Вергина, Пела и Олинт.
– Истите тие наоди, зборуваат за тесна поврзаност на кумановскиот регион со медитеранските цивилизациски центри, и укажуваат дека на овој рид пред околу 2300 години постоел значаен антички град со непознато име, кој имал свои владетели кои биле блиски и поврзани со македонското кралство на југ. Од големо значење за нас и за македонската археологија ќе биде да продолжиме со сондажните ископувања, преку кои имаме единствена можност да го проучуваме процесот на формирање на првите градови во регионот и автохтониот развој на цивилизациските текови, пред овие области да бидат освоени од Римјаните и целосно да бидат вклучени со античката римска култура – дециден е Ѓорѓиевски.

Фото: Музеј Куманово





