ИЗБОРИ НА УКИМ, Христина Спасевска: Со програма за европско образование ќе го вратиме сјајот на најстариот Универзитет

До крајот на месецов Умно.мк ќе објавува интервјуа со шестемина кандидати за ректори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје кои ќе одговараат на исти прашања преку кои ќе ги претстават своите програми и гледишта

УКИМ сè повеќе го губи оној стар сјај по којшто беше препознатлив како најстар и најдобар. Решавање на ова прашање е еден од клучните столбови на коишто се темели мојата програма за европско образование на УКИМ. Подигнување на квалитетот на настава, вложување во наука и научноистражувачки проекти со што ќе ги поттикнеме професорите и младите студенти активно да се вклучат во подготовките и реализацијата, вели д-р Христина Спасевска, редовен професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и актуелен проректор за настава на УКИМ.

Зошто сте Вие вистинскиот кандидат за нов ректор на УКИМ?

– Како долгогодишен професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и актуелен проректор за настава на УКИМ, имав можност да ги согледам недостатоците на нашиот универзитет, но и предизвиците со кои се соочува. Континуираната соработка со студентите ќе ми овозможи да реализирам проекти кои ќе го подигнат квалитетот на нивното образование, ќе охрабрат да прифаќаат предизвици и станат успешни професионалци.

Моето искуство како научник етаблиран на меѓународната сцена, со голем број на реализирани проекти од странски финансиски програми, ќе го применам за етаблирањето на УКИМ на меѓународните ранг листи. Со своето транспарентно и отчетно работење кон сите вработени на УКИМ и кон јавноста ќе придонесам за подигање на реномето на УКИМ како квалитетна високообразовна установа.

Кој е најголемиот проблем со кој се соочува УКИМ во моментот и како ќе го решите?

– Континуирано опаѓање на рејтингот на УКИМ на светските ранг листи е проблем на кој дискутираме со колегите на универзитетот, пред сè како проблем кој не само што го засега УКИМ туку и целата јавност. За жал, УКИМ сè повеќе го губи оној стар сјај по којшто беше препознатлив како најстар и најдобар. Универзитет во државата. Решавање на ова прашање е еден од клучните столбови на коишто се темели мојата програма за Европско образование на УКИМ. Подигнување на квалитетот на настава, вложување во наука и научноистражувачки проекти со што ќе ги поттикнеме професорите и младите студенти активно да се вклучат во подготовките и реализацијата. Многу важен сегмент се и меѓународните проекти кои за жал ги имаме во сè помал број, што поради недоволна ангажираност, но и од страв дали ќе можат да се справат со сите административни пречки во текот на аплицирањето и реализацијата на проектите.

Како професор на ФЕИТ само во текот на изминатите 10 години имам работено на повеќе од 20-тина големи меѓународни проекти, имам искуство кое можам да го пренесам и на моите колеги професори.

Кога зборуваме за зголемување на научноистражувачките проекти, работа на проекти и подигнување на рејтингот на УКИМ, овде несомнено важна улога игра државата, Владата и Mинистерството за образование и наука кои треба да одлучат дали сакаат нашиот најстар и најреномиран универзитет да се вратиме меѓу најдобрите 1.000. Наша задача пак како Ректорат е да креираме мериторен систем со приоритетни цели и чекори кои во соработка со државата ќе ги имплементираме. УКИМ има и други проблеми како транспарентното и отчетно работење, кохерентно настапување пред државните органи, професорите работат за многу пониски примања од нивните студенти, односно оние коишто ги образувале за денес да бидат наставници, доктори, менаџери или дел од институциите. Овие, но и многу други прашања се дел од мојата програма со понудени конкретни и реално апликативни решенија коишто заеднички со сите единици на УКИМ можеме да ги решиме.

Како ќе ги активирате студентите, и да се зголеми интересот за студирање и активно да се вклучат во студентскиот живот?

– Во центарот на мојата програма се студентите, кои по оформувањето на своето образование треба да бидат конкурентни на пазарот на труд. Со добивање на квалитетно формално образование, преку меѓународно препознатливи студиски програми, ориентирани кон стопанството и јавниот сектор, дополнето со практична работа, но и вештини за тимска работа, нашите студенти по завршувањето на студиите ќе имаат успешни професионални кариери и брзо напредување. Кариерниот развој во текот на студирањето, поставен на системски механизми, зависно од нивната наклонетост и можност, ќе ги насочи кон професионална кариера во постоечките компании или започнување сопствен бизнис, како и работа во полето на науката и иновациите. Тоа е начин да ги задржиме младите интелектуалци во нашата држава, да помагаат во нејзиниот развој. За креирање на вистински одржливи политики, најзначајна е соработката на УКИМ со стопанството и јавниот сектор. Ова ќе се остварува преку зајакнување на капацитетите на Центарот за кариера на УКИМ.

За студентите, исто така, од особена важност е да имаат можност за меѓусебно поврзување на национално и меѓународно ниво, со цел размена на искуства и подобрување на вештините. Секако за ова е потребно поголемо вклучување во меѓународните програми за мобилност и проектни активности со голем број на национални и меѓународни организации што работат со млади. Затоа ќе се воспостави нова програма за студентски активности и меѓународна мобилност и нивно стипендирање.

Во текот на студирањето секој млад човек вложува напори за професионално оформување и ангажман за економска самостојност, но истовремено има потреба од културни, спортски и друг вид воннаставни активности. Затоа ќе ја зголемиме поддршката на универзитетскиот студентски спорт со зголемување на бројот на женски екипи и на студенти со попреченост. Преку нова програма за студентско практиканство на УКИМ, студентите ќе можат директно да се вклучат во работата на универзитетот.

Основна заложба на УКИМ ќе биде поддршка на барањата на нашите студенти кон државните институции, компаниите и јавноста во целина. Заеднички со нив ќе ги создаваме нашите приоритети и дефинираме акциските планови за работење на УКИМ, истовремено гарантирајќи целосна автономија на одлучување во сите универзитетски тела и органи.

Од особено значење е создавање можности европските социолошки трендови да бидат насочени кон студентите, т.е прифаќање и поттикнување на нивниот диверзитет, како резултат на различната култура и определба, но и свесност за нивното ментално здравје. Универзитетот треба да направи сѐ што е можно за поддршка на различноста по секој основ, не само кај студентите, туку и кај академскиот и административно-стручниот кадар. Затоа ќе се основа советувалиште за ментално здравје и нова програма за поддршка на студентите со попреченост.

Што предлагате за да се зголеми автономијата на УКИМ, а да се намали финансиската зависност од државата?

– Автономијата на универзитетот е загарантирано право согласно Законот за високо образование и уставните начела, што овозможува непречено работење и дејствување, создавање сопствени насоки за развој и слободно искажување на академски ставови за случувања во општеството.

За непречено работење и остварување на стратешките цели, потребно е наметнување на универзитетот кај државните институции за заедничко креирање на нашата финансиска и кадровска политика. Тоа значи зголемување на државниот буџет за плати, одржување и инвестиции, но и зголемување на издвојувањата за наука, нови вработувања на академски подмладок и административно-стручен кадар. Исто така, ќе се гради дијалог со синдикалното организирање на УКИМ, поддржувајќи ги во нивните заложби за спроведувањето на колективните договори.

Клучни предизвици со кои се соочуваме кога станува збор за поддршката на УКИМ од државните институции е овозможувањето на поголема финансиска автономија, особено на средствата од меѓународните проекти, промена на моделот за финансирање, автоматско вработување на подмладок на секое испразнето место, национална финансиска програма за наука, подобрување на студентскиот стандард и нивно стипендирање на сите три циклуси студии.

Од особено значење е да се отвори конструктивен дијалог помеѓу универзитетите, Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност и Министерството за образование и наука за промена на Законот за високо образование, во оние сегменти каде што по петгодишната примена има недостатоци во имплементацијата на дадени одредби, поврзани со високообразовниот процес, без да се навлегува во концептот на управување и академската автономија.

Секако, од посебно значење за развојот на научната и уметничката мисла, воспоставување на демократски стандарди и создавање европско образование на УКИМ, е автономијата на академскиот кадар. Потребно е да се изгради инклузивен процес за нивно учество, заедно со студентите, во сите прашања од стратешки развоен карактер и нивното имплементирање. Воедно, неопходно е да се создадат услови за слободно размислување и изразување, без надворешно влијание кое негативно би се одразило на високообразовниот процес.

Каква трансформација на полето на науката предлагате?

– Зголемувањето на научните истражувања и со тоа подигнување на УКИМ на меѓународните ранг листи може да се случи само со инволвираност на целиот научноистражувачки потенцијал од нашиот универзитет и политичка одлука на државата да го има најдобриот универзитет помеѓу првите 1000. Затоа ќе се направи фонд за наука, во кој освен постоечкиот буџет ќе се додадат и средствата од намалувањето на додатокот за ректор и проректор кои ќе бидат насочени за финансирање на млади истражувачи и нивните ментори.

Она што треба да го направи Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е да ја зајакне соработката помеѓу единиците, со цел остварување на интердисциплинарни истражувања, поддршка на младиот истражувачки потенцијал и пласирање на нашите научни резултати на меѓународно ниво преку истражувачки мрежи и отворена наука. За тоа особен придонес треба да дадат и нашите алумни од странските научноистражувачки центри, поддржани од нова Канцеларија за меѓународна соработка.

Не помалку значајно е нашето вклучување во големи истражувачки тимови и учество во меѓународни проекти, што треба да обезбеди финансиска поддршка за научни и развојни истражувања. Со воспоставување на универзитетски систем за поддршка и пренесување на искуствата и Канцеларија за меѓународни проекти, може да се зголеми бројот на апликации и прифатени проекти на сите единици од УКИМ. Универзитетот има врвни научници, со веќе воспоставена меѓународна соработка, но за жал, поради административните предизвици при конкурирање и имплементација на меѓународните проекти, нивната иницијатива во таа насока е многу мала.

Меѓународната соработка треба да се отслика и во формалното образование со воспоставување на систем за поголем број на студиски програми со двојни дипломи од странски универзитети и развој на Универзитетската школа за докторски студии, што ќе придонесе да се зголеми квалитетот на докторските трудови, како предуслов за врвна наука.

Организирањето на постдокторски студии на УКИМ ќе овозможи унапредување на младиот истражувачки кадар, но и привлекување на странски постдокторанди, финансирани од меѓународни фондови, што претставува уште еден модел за зајакнување на соработката, интердисциплинарноста во науката и за меѓународно етаблирање на нашиот универзитет.

Сподели