500 парчиња летна торта од јагоди на Школка за 500 години независна Шведска

„Добри вибрации – Музика и иновации“ е насловот на манифесатцијата со која шведската амбасада во земјава денеска во 18 часот на Школка во Градскиот парк во Скопје ќе одбележи повеќе јубилеи. Во фокус на настанот се шведската музика и иновациите. Светските музички хитови на шведски бендови, пејачи, но и продуценти и текстописци ќе ги пренесат Диџеј Васо и познатиот скопски бенд „Бендофф“. Посетителите ќе имаат можност да ја проследат дигиталната изложба – „Шведски музички моменти”, а ќе биде поставена и изложба за иновациите на шведските компании каде посетителите ќе имаат можност и да се запознаат со некои од шведските компании присутни во земјава.

Поводот за настанот е повеќекратен – годинава Шведска одбележува 500 години како независна држава, во исто време 30 години дипломатски односи со РС Македонија, а е и тековен претседавач со Советот на Европската унија до крајот на јуни. Од неодамна Шведска ја впиша и седмата евровизиска победа, со што се додаде уште еден музички момент кој повикува на прослава.

– Во духот на прославата на 500-годишнината, Амбасадата на Шведска за посетителите приготви 500 типични шведски слатки од цимет и кардамом, а во соработка со средното угостителско училиште „Лазар Танев“ ќе бидат послужени и 500 парчиња шведска летна торта од јагоди – велат од амбасадата.

Настанот го организацира Шведската амбасада, во партнерство со Шведскиот институт, со спонзорство од шведската компанија „Дијаверум“ и компанијата „Синпекс“ кој го застапува шведскиот бренд „Хускварна“, и во соработка со шведските компании Поларкејп и Орифлејм.

Сподели