ИЗБОРИ НА УКИМ, Димитар Ташковски: УКИМ цврсто ќе зачекори на патот кон Шангајската листа

До крајот на месецов Умно.мк ќе објавува интервјуа со шестемина кандидати за ректори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје кои ќе одговараат на исти прашања преку кои ќе ги претстават своите програми и гледишта

Автономијата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е загарантирана со Законот за високо образование од 2018 година. Прашање е како ние ја практикуваме и колку ја користиме таа автономија за поголема соработка меѓу вработените и единиците на УКИМ, за зголемен трансфер на знаење и технологии, за креирање на научен подмладок. Сепак, како државен универзитет, УКИМ никогаш не може да биде финансиски независен од државата, туку напротив, вложувањето на државата во УКИМ треба да се зголеми, вели д-р Димитар Ташковски, редовен професор и актуелен декан на Факултетот за електроптехника и иформациски технологии.

Зошто сте Вие вистинскиот кандидат за нов ректор на УКИМ?

Одлуката да се кандидирам за ректор на УКИМ е исклучиво резултат на мојата намера да придонесам за трансформација на УКИМ во современ, отворен и пред сè истражувачки универзитет кој ќе биде двигател на промените во општеството. Чувствувам обврска моето акумулирано знаење и богато искуство во делот на обезбедување на квалитет, наставна и научноистражувачка дејност, трансфер на знаење и иновации и раководење на високообразовна институција да ги ставам на располагање и како ректор да му служам на УКИМ и на сите негови вработени и студенти.
Како поткрепа на моите знаење и искуство, ќе наведам дел од моите достигнувања, остварени како декан на ФЕИТ во два последователни мандата:
• ФЕИТ е првата и единствена високообразовна институција во државата која доби меѓународна акредитација на своите студиски програми на прв циклус од страна на германската агенција за акредитација на студиски програми на технички факултети – ASIIN. Дополнително, добиениот сертификат EUR-ACE е гаранција дека студиските програми на ФЕИТ ги задоволуваат високите европски и интернационални стандарди за квалитет во високото образование.
• Во рамките на напорите за доближување на високото образование и бизнисот во државата на ФЕИТ го формиравме Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ. Центарот стана препознатлив во државата, но и во регионални рамки. Околу дваесеттина компании во изминатиот период ја согледаа улогата на науката за нивниот долгорочен развој и реализираа проекти преку ИНОФЕИТ од кои дел завршија и со комерцијални производи. Позитивното искуство од работењето овозможи и дополнителен развој на ИНОФЕИТ преку формирањето на првиот целосно оперативен дигитален иновациски хаб (ДИХ) во С. Македонија кој веќе е сериозен партнер во процесот на дигитализација во државата.
• Значително подигнување на нивото на научноистражувачката и апликативната дејност на ФЕИТ преку мотивирање на соработката меѓу младиот кадар на факултетот. Како резултат, ФЕИТ е факултет со најголем број научноистражувачки проекти финансирани од европски фондови со кој раководат наши перспективни млади професори.
• Ја стартувавме партнерската програма на ФЕИТ преку која склучивме голем број договори со реномирани меѓународни и домашни компании и преку кои обезбедивме поголеми перспективи за нашите студенти како и значителна количество најсовремена опрема за поддршка на вежби во нашите лаборатории.
Слободен сум да кажам дека резултатите од мојата досегашна работа, а пред сè како декан на ФЕИТ, се јасно видливи и препознаени од академската и од пошироката јавност. Убеден сум дека истите можам да ги пренесам и на ниво на УКИМ и со тоа да дадам придонес во развојот на УКИМ и на целото општество.

Кој е најголемиот проблем со кој се соочува УКИМ во моментот и како ќе го решите?

УКИМ е најстариот, најголемиот и најдобриот универзитет во земјата кој се јавува како столб на повоениот развој на нашата држава. Но, нашиот универзитет веќе подолго време се соочува со повеќе предизвици на кои мора брзо и одлучно да им се посвети внимание за да не се изгуби чекорот со современите трендови во високото образование и науката. Следниве проблеми со кои се соочува УКИМ би ги идентификувал како најгорливи: деградирањето на звањето универзитетски професор во општествениот живот, слабата препознатливост на УКИМ, нелојалната конкуренција од формални и неформални образовни институции, исклучително ниското финансирање на наука од државата, слаба кадровска екипираност на речиси сите единици, недостаток на простор за работа и современи лаборатории, недоволна соработка помеѓу различните единици и вработени на УКИМ, слаби критериуми за унапредување во академски звања, ниска свесност за потребата од соработка меѓу академијата и бизнисот, ниско ниво на дигитализација. Мојата програма нуди конкретни идеи и мерки за решавање на секој од овие проблеми.

Имајќи ја предвид основната дејност на Универзитетот, сигурно дека еден од приоритетите ќе биде наставата. Најпрвин, ќе се фокусирам на хармонизација на студиските програми на универзитетот во согласност со европските образовни политики и стандарди за квалитет на високото образование, со што ќе се подобри квалитетот на студиските програми и ќе се зголеми на мобилноста на студентите. За поддршка на овој процес, во мојата програма се предвидени неколку нови центри на УКИМ (за е-учење, за унапредување на компетенциите на наставниците, за инклузивно образование, за доживотно учење), како и Канцеларија за обезбедување на квалитет која би се фокусирала и на одржување на квалитетот на студиските програми.

Како ќе ги активирате студентите, и да се зголеми интересот за студирање и активно да се вклучат во студентскиот живот?

Интересот за студирање во Македонија е солиден, но проблемот е во различниот интерес за студирање на различни универзитети и факултети. Се разбира, интересот за студирање на УКИМ наспроти другите универзитети дополнително ќе се зголемува со подобрување на квалитетот на студиските програми, за што зборував претходно. Исто така, промената во процесот на реализација на наставата во кој студентите ќе стекнуваат зголемено ниво на практични знаења релевантни за нивната идна кариера ќе влијае на атрактивноста на студиите на УКИМ.

Ќе се посветам и на обезбедување на услови за организирана поддршка во делот на академското и кариерното советување на студентите. Центарот за кариера на УКИМ ќе го зголеми обемот на услуги за да се подобри процесот на добивање на компетенциите и зададените резултати од учењето, стекнување на генеричките вештини, развој на кариерата на студентите, стекнување на работни искуства и вештини за активно барање на работа по завршување на студиите. Во рамките на Центарот за кариера ќе се формира психолошко советувалиште со цел да им помага на студентите, меѓу другото, во унапредувањето на менталното здравје, во разрешување на актуелните и развојните проблеми, како и во тешкотиите кои потекнуваат од социјалната средина. Планирам формирање и на Центар за инклузивно образование со цел на студентите со попреченост да им се обезбеди квалитетно студирање.
Проактивна улога на студентите е неопходна за успешна работа на Универзитетот и на единиците. За таа цел ќе се воспостави посуштинска соработка со Универзитетското студентско собрание, како и со сите студентски организации на УКИМ. Посебно внимание ќе посветам на поддршка и промоција на уметничката продукција на студентите од уметничките факултети (претстави, филмови, концерти, изложби), со што ќе се истакне општествената одговорност и видливост на УКИМ во делот на културниот развој на општеството.

Што предлагате за да се зголеми автономијата на УКИМ, а да се намали финансиската зависност од државата?

Автономијата на Универзитетот е загарантирана со ЗВО од 2018. Прашање е како ние ја практикуваме и колку ја користиме таа автономија за поголема соработка меѓу вработените и единиците на УКИМ, за зголемен трансфер на знаење и технологии, за креирање на научен подмладок. Сепак, како државен универзитет, УКИМ никогаш не може да биде финансиски независен од државата, туку напротив, вложувањето на државата во УКИМ треба да се зголеми. Ова подразбира и зголемување на средствата кои државата ги одвојува за наука, истражување и развој на инфраструктурата на УКИМ. Наспроти сегашните занемарливи средства, крајната цел е во период од неколку години да постигнеме вложување во наука приближно на европскиот просек, а тоа е помеѓу 2 и 3 проценти од БДП. Ова ќе се наметне и како обврска во процесот на преговори за влез во ЕУ и очекуваме поинтензивна соработка со државата на ова поле.

Од друга страна, со цел државата да го согледа својот интерес да вложува во нас, УКИМ мора јасно да ја покаже својата посветеност на иновациите, односно развојот на претприемачкиот дух и трансферот на знаење од академијата кон општеството. УКИМ на сите свои единици располага со огромен интелектуален и креативен потенцијал кој може да придонесе во иновациската дејност и да создава интелектуална сопственост (патенти) кои драстично би ги зголемиле сопствените приходи на универзитетот. Во таа насока ќе воспоставам транспарентен систем за поттикнување на развој на нови производи и иновации (вклучувајќи и поттик за отворање на академски старт-ап и спин-оф компании), ќе формирам на Канцеларија за трансфер на технологии, а ќе предложам и воведување Проректор за трансфер на технологии и иновации.

Каква трансформација на полето на науката предлагате?

Една од основните цели на мојата програма е трансформација на УКИМ кон истражувачки универзитет. И покрај тешката финансиска ситуација во која се наоѓа УКИМ, сè уште има сериозни истражувачи кои можат значително да придонесат за реномето на УКИМ, но и да бидат поттик и мотивација за останатите истражувачи и уметници на универзитетот.
Ќе се фокусирам на подигнување на критериумите за постигнување извонредност во научноистражувачката работа и учеството на УКИМ во меѓународни проекти. По примерот на она што го постигнавме на ФЕИТ, ќе формирам силни истражувачки групи во повеќе области, со акцент на интердисциплинарност и соработка меѓу единиците на УКИМ. За поддршка на процесот на аплицирање на меѓународни проекти ќе се подигне капацитетот на Канцеларијата за меѓународна соработка која ќе ги следи сите отворени повици, ќе ги информира вработените на УКИМ за истите, ќе остварува контакти со потенцијални партнери, ќе учествува во подготовка на апликациите како и во имплементација на добиените проекти.

Исто така, планирам формирање на сопствен Фонд за наука и развој на УКИМ. Од овој фонд ќе бидат поддржани научноистражувачки проекти на вработените на УКИМ врз основа на транспарентни и мерливи критериуми за квалитет на проектот и неговите истражувачи.
Научноистражувачката работа е еден од основите критериуми при рангирањето на универзитетите. Во согласност со лајтмотивот на мојата програма за Ректор – „за современ, отворен и истражувачки универзитет“ и решенијата кои таму ги нудам, сигурен сум дека УКИМ за три години под мое водство може да се етаблира како респектабилен универзитет во интернационални рамки и да ги подобри сите негови индикатори во научните истражувања. До крајот на мандатот очекувам УКИМ цврсто да зачекори на патот кон Шангајската листа на најпрестижни светски универзитети, односно да се најде на неа во период од 3 до 5 години.

Сподели