„Вкрстени избори“ од Тања Балаќ во Чифте амам

Мултимедијалниот проект – видеоинсталација насловена „Вкрстени избори“ (Crossing Choices, 2023) од уметницата Тања Балаќ утревечер во 20 часот ќе биде отворена во Чифте амам, во Старата скопска чаршија. Видеоинсталацијата се состои од слика, фотографија, инсталација и видео. Текстот во каталогот е на проф. д-р Ивица Џепаровски и се однесува на експерименталниот филм „Вкрстени знаци“ оформен врз основа на ликовната подлошка на сликарските дела на Тања Балаќ и на анимацијата и визуелните ефекти на Никола Дрвошанов.

Тања Балаќ

Изложбата ќе ја отворат директорката на Националната галерија на Македонија, Дита Старова-Ќерими и професорот Џепаровски.
– На границата и на преминот од сликарството кон ангажираниот документарен филм, но и кон уметничкиот видеоарт, може да се толкува последното остварување на Балаќ филмот „Знаци на вкрстување“, дело кое е во непосредна творечка и имагинативна врска и со нејзините претходни документаристички и видеоарт остварувања… А тому овој последен филм на Балаќ како да отвора и едно далеку поинтригантно прашање сврзано за односот меѓу уметноста и стварноста, имено, што се случува кога се остварува вкрстувањето на брзината и на забрзувањето на светот – со возвишеноста и со бавноста на уметноста и на видеоартот? – пишува Џепаровски.

Според него во филмот „Знаци на вкрстување“ како да се остварува постмодерното чувство на возвишеното што нè воведува во еден свет на негативната дијалектика и на фасцинирачката отуѓеност, свет во кој човештвото како да е распнато на крстот на уништувањето – било да станува збор за глобалното еколошко уништување или, пак, за глокалната (глобална ем локална) општествена аномија и бесчувствителност.

Филмот е неодамна селектиран од стручното жири на 13. издание на Интернационалниот фестивал за видеоарт „Магмарт“ од Неапол, Италија. На тој начин овој седуминутен филм, заедно со уште 31 сродно дело, стана составен дел од постојаната колекција на музејот ЦАМ и на „Магмарт„”, меѓународен фестивал на видеоарт на кој во изминатите години учествувале повеќе од 1.400 уметници од над 80 различни земји од светот.

Тања Балаќ (Скопје, 1968), од своето дипломирање на одделот за сликарство во 1991 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (ФЛУ) и магистрирањето во 2008 година на истиот факултет, па сè до денес, со иста енергија се вградува во нашата современа уметничка сцена, постојано стилски и жанровски експериментирајќи, со што успешно го оформува и својот уметнички и својот професионален статус. Таа е активен член на Друштвото на ликовните уметници од 1991 година, со кое раководела од 2006 до 2013 година. Има остварено и бројни професионални посети во странство, меѓу кои и студиската посета на Париз во 2003 година. Своето професионално и уметничко искуство Балаќ го оформува и постојано го збогатува и надградува и преку учествата на бројни меѓународни фестивали и изложби во Србија, Словенија, Шведска, Бугарија, Германија, Романија, Англија, Австрија, Франција итн., а таму повеќекратно се здобива со низа меѓународни признанија и награди. Покрај своите основни определби во рамките на сликарството, Балаќ, во новиот век, активно истражува и на полето на новите медиуми и на видеоартот, но се пројавува и со свои инсталации и експериментални и документарни филмови.

Сподели