Четворица средношколци од Македонија со својот ментор денеска патуваат во Астана, метрополата на Казахстан, каде ќе учествуваат на 57. олимпијата по хемија „Менделеев“. Нашиот тим го сочинуваат Филип Бојаџиев, Иван Костев, Петар Мирчевски и Марио Ванчоски, а ги предводи проф. д-р Миха Буклески од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје и член на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија кои го организираат нашето претставување.
Свечената церемонија на отворањето на олимпијадата ќе биде на 1 мај во 11 часот. Ќе учествуваат натпреварувачки тимови од 22 земји. Нашиот тим веќе подолго време го подготвуваа професори од СХТМ и од Институтот за хемија. Буклески со свои колеги со години ги предводи нашите тимови на интернационалните олимпијади.
За разлика од Меѓународната олимпијада по хемија, Менделеевата олимпијада е помалку посетена поради тежината на проблемите и сериозноста на експерименталните задачи. Од СХТМ објаснуваат дека натпреварот се состои од два теоретски дела и еден експериментален. Вториот теориски дел е напредно ниво и обработува теми кои не се застапени во наставната програма по хемија за средно училиште. Сепак, на нашите натпреварувачи во изминатоитет години им појде од рака да освојат медали.
Интернационалната олимпијада „Менделеев“ е продолжение на републичкиот натпревар кој се реализирал во рамките на поранешниот Советски Сојуз. По неговото распаѓање, овој натпревар продолжил да се одржува, но во облик на меѓународно натпреварување на кое, освен поранешните советски републики, право на учество имаат сите земји од светот, но по претходна покана од организаторот.





