„Златен објектив“ за аниматорката Тонкица Митровска и композиторот Љупчо Константинов

Аниматорката Тонкица Митровска и Љупчо Константинов, композитор на филмска музика ја добија наградата „Златен објектив“ за 2023 година што ја доделува Кинотека на Македонија. Наградата се доделува на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

Тонкица Митровска (1948 год.) е една од првите кои работеле на анимираниот филм во државава. Била вклучена во речиси сите филмови од опусот на „Скопската анимирана школа“, односно Студиото за анимација на „Вардар филм“, формирано во мај 1975 година. Како соработничка или сценографка, работела на повеќе од 20 домашни анимирани филмови.

Љупчо Константинов (1946 год.) дипломирал на Музичката академија во Белград. Автор е на музиката за бројни играни, документарни и анимирани филмови, ТВ-филмови, серии и драми, како и за над 60 театарски претстави. За музиката за филмот „Среќна нова ‘49“ доби Златна арена во Пула и Бронзена плакета „Милтон Манаки“ во Битола во 1986 година.

Досегашни добитници на „Златен објектив“ беа режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловски и Коле Манев; тонскиот снимател Глигор Паковски; аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ; директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков; филмскиот работник Коста Крпач; продуцентот Панта Мижимаков; филмските критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куновски-Доре; монтажерите Димитар Грбевски, Спасе Тасевски и Олга Лукова-Дончиќ; костимографките Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ.

Признанијата ќе им бидат доделени во Кинотеката во текот на идниот месец.

Сподели