„Златна рамка“ e единствена можност да се погледнат најновите македонски филмови кои својата премиера ја имале во минатата календарска година, вели Ана Василевска, уметнички координатор на ревијата
Како и секаде во светот, филмот е уметност која не е елитистичка и треба да допре до сите. Кај нас уште повеќе е важно да создадеме однос кон домашниот филм, да ја негуваме таа култура и понекогаш тематски извесни филмови е посакувано да допрат и до најмладата публика, вели Ана Василевска, уметничкиот координатор на ревијата на македонски филм „Златна рамка“ чие петто издание од денеска до сабота ќе се одржи во Младинскиот културен центар и во Кинотеката во Скопје. Ревијата ја организира Друштвото на филмски работници на Македонија кое денеска ќе одржи свечено Собрание на кое ќе биде избран директор на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ кој ќе има мандат од две години.

Со Василевска разговараме за тоа што ќе понуди манифестацијата годинава, но и какви се предизвиците на младите филмски автори денес.
Ова издание на „Златна рамка“ одбележува мал јубилеј. Колку филмови од македонската продукција беа прикажани во овој период?
– Ова е петто издание на филмската ревија посветена на македонскиот филм. Периодот не е мал, но сепак е оптимален за настанот „Златна рамка“ да биде препознатлив во јавноста како единствена можност да се погледнат најновите македонски филмови кои својата премиера ја имале во минатата календарска година. Уште од самата идеја да се организираат денови на македонскиот филм, го имавме предвид фактот дека ќе треба трпеливо да се работи на популаризирање и афирмација на нашата кинематографија која, за жал, не е присутна ниту на телевизиските канали, има инцидентен простор на филмските фестивали, ниту пак има свое место, киносала каде што филмовите би имале свој живот и после премиерата. „Златна рамка“ е и своевиден отчет пред публиката која бесплатно може да ги погледне филмовите снимени со средства од буџетот. Годинава има 13 филма. Не се прави никаква селекција – бројот на филмови што е претставен на програмата е условен од годишната реализирана продукција.
Во изминативе 5 години на „Златна рамка“ се прикажани 80-ина филмови поделени во долгометражна, краткометражна и документарна програма. Ова укажува дека во некој просек, тоа се 15-тина филмови годишно, што согласно со условите за финансирање и хронично намалување на буџетот за филм во овој миг е максималната можна продукција кај нас која ја гради националната кинематографија.

Ана Василевска
Кому е наменета „Златна рамка“, до која публиката сакате да стигнете?
– Како и секаде во светот, филмот е уметност која не е елитистичка и треба да допре до сите. Кај нас уште повеќе е важно да создадеме однос кон домашниот филм, да ја негуваме таа култура, така што, понекогаш тематски извесни филмови е посакувано да допрат и до најмладата публика. Не постои ниту возрасна, ниту социјална или каква било друга одредница, во филмот се вткаени универзални содржински и естетски кодови. Токму тоа е убавината на „Златна рамка“, што секогаш има разновидна публика, а ние би сакале да стигнеме до побројна. Оваа публика во која секако се вбројуваат и новинарите/филмските критичари ќе помогне да се создаваат и критериумите што ќе бидат дополнителен мотив за нашите автори и нивните дела. Токму заради неселективниот однос кон публиката, од лани е иницирана и програмата „Фокус“, наменета за публиката која од различни причини е спречена да ги посети киносалите. Проекциите во казнено поправни установи, домови за стари лица, студентски домови итн. веќе се редовен дел од „Златна рамка“ со што се истакнува и општествената одговорност на манифестацијата, како поттик и за останатите организатори на слични настани. Да не се заборави и онаа суштински важна димензија на „Златна рамка“ со која Друштвото на филмски работници во овие три дена дава можност филмските професионалци да се дружат, да ја зајакнат соработката и оддадат почит на своите колеги со доделување на почесните награди „Златна рамка“ за филмски работник, филмски автор и филмски актер.

Каде оваа публика да гледа македонски филмови? Каков е капацитетот со киносали во Скопје, каква во внатрешноста на Македонија?
– Условно кажано, популарните или долгометражните наслови од филмската продукција имаат премиери и некој живот со киноприкажување, во несоодветни киносали, но краткометражните и документарните филмови не можат да се видат никаде. Неможноста да се погледнат во киносалите или пак да бидат дел од некое телевизиско прикажување, апсолутно нанесува голема штета на филмот. Дури и домашните филмски фестивали не отстапуваат доволно простор за нашиот филм, како на пример ИФФК „Браќа Манаки“ кој ги негуваше кратките и документарните филмови во програма „Мак Поинт“ што повеќе не е дел од овој фестивал. Што се однесува до капацитетот на постоечките киносали во главниот град како киното „Фросина“, тоа во Кинотеката се мали. Во останатите градови има убави иницијативи за заживување на кинокапацитетите, но и тие се обидуваат да работат комерцијално, со популарни холивудски наслови. Кога „Златна рамка“ би се проширила во насока на „патувачка“ ревија ќе се појави проблем за место каде што филмовите би биле прикажани. Како и многу други проблеми кај нас, така и со афирмацијата на нашата кинематографија треба да се дојде до системски решенија, од инфраструктурно подобрување до изнаоѓање начини за едукација на публиката и создавање на навика и потреба за филмската уметност.

Сцена од „Снежана на крајот умира“
Генерацијата „млади“ режисери во Македонија веќе длабоко гази во зрелата доба. Каде се вистински младите македонски филмаџии, режисери, продуценти, кинематографери итн. тукушто излезени од факултет или сè уште студираат. Каква е институционалната поддршка за нив? Имаат ли шанса покрај докажаните имиња кои најчесто ги добиваат најголемите буџети за проекти?
– На шега меѓу себе авторите велат „режисер-дебитант во средни години“. Секако пред своето долгометражно филмско деби, сите овие режисери, кинематографери и сите останати работеле бројни краткометражни или документарни филмови и голем дел од нив постигнале голем успех. Ограничувањето на можноста да работат помлади е повторно заради финансискиот капацитет со кој располага Агенцијата за филм. Во последниве години барем се промени праксата поддршката да биде „резервирана“ за докажаните и се прават максимални напори да се препознаат квалитетните проекти што ветуваат издржани и успешни филмови. Од друга страна, ова тешко им паѓа на оние кои навикнале дека треба да ја празнат касата само заради успехот во минатото, но успесите на младите автори минативе години ја побиваат тезата дека треба да чекаат со години за да дебитираат во целовечерен игран филм. Па така во очекување сме на реализација на интересни филмови од дебитанти што добија поддршка да снимаат. Потребно е да се зголеми и свесноста на бизнис-секторот да вложува повеќе во филмот, како и да се ползува поддршката на европските филмски фондови.

Сцена од „Најсреќниот човек на светот“
Младите филмаџии уште за време на академското образование работат студентски филмови кои можат да се видат на посебни програми и фестивали. Тука веројатно се оформуваат и нови кадри за филмските екипи, се препознаваат тандеми продуцент-режисер-кинематографер. Тие меѓусебе се мотивираат да „инфицираат“ и нови костимографи, мајстори на звук, монтажери, клапери, шарфери… Оние кои одлучиле да се бават со каква било уметност, особено со филм, свесни се дека ќе жртвуваат многу љубов, време и енергија, ќе се снаоѓаат додека да „испливаат“ да го привлечат вниманието и да стигнат до посакуваната поддршка. Важно е дека државата мора да вложи напори да даде поголема поддршка, да одвои поголем буџет за филмот, да се погрижи за статусот на филмските професионалци, затоа што филмот многупати покажа дека најсилен медиум и амбасадор на културата во светот. Тој го промовира јазикот, идентитетот, антрополошкиот печат и конечно, нашиот креативен капацитет и модерна естетска визија, што несомнено се суштествени вредности во цивилизираниот свет.





