Вандализам: Откорната и украдена бистата на Славко Јаневски во Струга

Бистата на македонскиот поет Славко Јаневски е исчезната од постаментот во алејата на поетите на кејот на истекот на Црн Дрим. Бистата на поетот е откорната, додека бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин се видливо расклатени во очигледен обид да се откорнат од постаментите, известуваат од „Струшките вечери на поезијата“.

Директорот на СВП, Тодорче Тасевски ја пријави кражбата во полициската станица во Струга.

– Најостро го осудуваме вандалскиот чин на кражба на бистата на нашиот истакнат поет Славко Јаневски, како и обидот за кражба на бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин. Очекуваме полицијата да ги пронајде и да ги казни сторителите на овој вандалски чин. Бистите на поетите Шопов и Есенин ќе бидат превентивно и привремено дислоцирани за да се извршат потребните технички зафати за нивно поцврсто фиксирање на постаментите за да се оневозможат ваквите вандалски чинови – изјави Тасевски.

Сличен вандалски чин се случи на 1 октомври 2021 година кога бистата на познатиот македонски поет Анте Поповски беше откорната од постаментот и беше фрлена во крајбрежјето. Истата беше санирана, дополнително зацврстена и вратена на постаментот.

– Ваквите вандалски чинови ќе треба да се оневозможат во иднина со заеднички напори на СВП, Општина Струга и МВР преку засилени мерки на обезбедување на оваа вообичаено фреквентна локација, како и со организирање кампањи за подигање на јавната свест за значењето и угледот на Струга како светска престолнина на поезијата. Апелираме сите добронамерни граѓани и почитувачи на поезијата да помогнат со информации во однос на сторителите и пронаоѓањето на бистата – велат од фестивалот.

Сподели