Искористете го денов за бесплатно да ги разгледате музејските поставки во вашата околина. Традиционално, влезот во сите музеи и галерии во светот денеска е бесплатен во чест на 18 Април, Меѓународен ден на културното наследство. Националната галерија на Македонија, Музејот на современата уметност, Заводот и музеј од Охрид и многу други институции викендов споделуваа на социјалните медиуми и ги канеа посетитетлите да ги разгледаат нивните поставки.
– Светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети, прогласен од ИКОМОС, а прифатен од УНЕСКО се одбележува во целиот свет, како и кај нас. Секоја година темите се актуелни, и се однесуваат на подигање на свеста на јавноста за значењето на светското културно наследство, на заштитата, чувањето и афирмацијата на непроценливото богатство откриено преку археологијата. Годинава, фокусот е на темата „Промените на културното наследство“, која ги опфаќа прашањата за културното наследство кои се отвораат со климатските промени – велат од Министерството за култура.
Отворени ќе бидат вратите на националните установи, заводи и музеи во Битола, Штип, Охрид, Прилеп и Струмица, на Стоби и Хераклеа, Спомен куќата на Тоше, Археолошкиот музеј, Националната галерија со сите свои објекти, Музејот на современата уметност, Музејот на македонска борба, Историскиот музеј во Крушево, Уметничката галерија во Тетово, „Др Никола Незлобински” во Струга, Музејот на Западна Македонија во НОВ, во Кичево, Музејот на Тетовскиот крај, музеите во Куманово, Гевгелија, Природно-научниот музеј, Музејот на Северна Македонија.
Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите е востановен на 22. седница на Генералната конференција на УНЕСКО во 1982 година. Оттогаш на овој ден се прославува и промовира културното наследство, и претставува можност за подигање на свеста за неговиот диверзитет, велат од Националната галерија.
– Културното наследство е темелна вредност на Македонија. Во член 56 од Уставот се пропишува дека сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Законот за заштита на културното наследство дефинира дека културно наследство во смисла на овој закон се материјални и нематеријални добра кои, како израз или сведоштво на човековото творештво во минатото и сегашноста или како заеднички дела на човекот и природата, поради своите археолошки, етнолошки, историски, уметнички, архитектонски, урбанистички, амбиентални, технички, социолошки и други научни или културни вредности, својства, содржини или функции, имаат културно и историско значење и поради нивната заштита и користење се наоѓаат под правен режим во согласност со овој и друг закон.
Националната галерија НА Република Северна Македонија е институција која одигра мошне значајна и историска улога во доменот на движното културно наследство, афирмирање на македонското ликовно творештво од средината на дваесеттиот век, па сè до денес – нагчасуваат од НГМ.





