Поддржете ја кампањата на режисерката Ана Јакимска да го сними краткиот филм „Нема духови во туѓина“

Буџетот потребен за Јакимска во Лондон да го сними филмот инспириран од македонскиот фолклор, изнесува најмалку 10.000 фунти. За да ја надоместат разликата што им недостига, со тимот отвориле кампања на „Кикстартер“.

Нашата филмска режисерка Ана Јакимска на „Кикстартер“ се обидува да ја надополни потребната сума за краткиот филм „Нема духови во туѓина“, што во мај треба да го снима во Лондон. Јакимска, која го сними пред неколку години краткиот „Ќе дојдат децата“, е и автор на сценариото на „Нема духови во туѓина“. Таа од лани живее во Лондон каде е дел од магистерски студии по режија на игран филм на Универзитетот „Голдсмитс“ во Лондон. Во декември учествувала на јавен пичинг за краток филм при универзитетот.

– Мојот проект за краток филм со наслов „Нема духови во туѓина“ беше изгласан на пичингот и доби поддршка од 3.000 фунти и опрема. Ова ќе биде мојот прв филм снимен во Велика Британија. Снимањето го закажавме за 18-22 мај, на локации во Лондон – вели Јакимска.

Но, буџетот потребен за да го направат филм го процениле на најмалку 10.000 фунти. За да ја надоместат разликата што им недостига, со тимот отвориле кампања на „Кикстартер“. Кампањата ќе биде отворена до 4 мај.

Досега имаат собрано 1.255 американски долари, а потребната сума им е 8.310 долари.

 

Иако филмот целосно ќе се снима во Англија, приказната е македонска и е инспирирана од македонскиот фолклор. Во филмот ќе се зборува на македонски и на англиски.

Приказната ја следи Кира, британска фотографка со македонско потекло, која за првпат во животот патува во родното село на нејзините родители. Кира оди во Македонија за да направи уметнички портрети на жените во селото користејќи стар фотографски процес, објаснува Јакимска за Умно.мк.

– Набрзо, Кира дознава дека жените се плашат од нејзиниот фотоапарат, верувајќи дека тој има моќ да им ја зароби душата. Кира не се откажува од обидите да ги направи портретите што ги замислила, но по ненадејната смрт на една од жените, станува свесна дека нејзините дејства имаат последици. Филмот ќе биде необичен и смел во својата визуелна и структурна поставеност, користејќи рамки и бои за да ја засили темата на претставувањето во филмот. Нарацијата е нелинеарна, а жанрот е сатира со хорор елементи инспирирани од македонскиот фолклор. Филмот има за цел да отвори дијалог за претставувањето на Истокот во уметноста на развиените земји, но и пошироко, за природата на филмот како уметност воопшто – вели младата режисерка.

Сподели