Студентите мора да се бунтуваат, само така општеството ќе оди напред

Младите почнуваат да учат средно во други држави. Одат во држави каде социјалниот живот е многу полош, а сепак одлучуваат да си заминат. Бараат подобра и посигурна иднина, а истата не би ја добиле доколку останат на студии овде – вели Славчо Темелковски, претседател на Универзитетското студентско собрание на УКИМ

Многу новитети, нова енергија и убави идеи доби студентската заедница на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје во последната половина година, откако студентите за свој лидер го одбраа Славчо Темелковски. Студент во четврта година на Економскиот факултет во Скопје, отсек Менаџмент, Темелковски ги помрдна многу процеси коишто со години беа заглавени во некаква летаргија. Со него разговараме за предизвиците со кои се соочува, а и што е наредно.

Студентското движење на УКИМ засилено почна да добива интересно темпо и енергија откако вие го водите. За само една година се чувствува новиот ветер. Колку сте вие задоволен од тоа како ја реализирате вашата програма?

– Откако го предводам УСС поминати се нешто помалку од 6 месеци и мило ми е што имаме оставено впечаток дека почнуваат нови позитивни ветришта да дуваат, бидејќи секојдневно слушам такви впечатоци. Голема улога има и самиот процес што студентите се вратија во факултетите и многу полесно движи комуникацијата помеѓу студентите на тема Универзитетско студентско собрание и Факултетски студентски собранија. Прилично сум задоволен од она кое го постигнавме досега, но тоа е само една капка во океанот бидејќи има уште простор за нови настани, нови проекти кои се за доброто на студентите.

Кои се активностите со кои најмногу се гордеете?

– На сите активности сум подеднакво горд, но можам да одвојам настан за кои особено одвоив голем дел од моето време и дури дојде момент кога одредени активности кои ги правев секојдневно ги ставив во мирување, а тоа е студентскиот марш. Тука не би ја заборавил и хуманитарната забава со чии средства го опремивме клубот за млади во „Пелагонија“, а оваа недела и во „Гоце Делчев“. Тоа беа најголемите предизвици од аспект на оператива и значење за студентите.

Имате ли добра соработка со вашите колеги? Има ли со кого да се реализираат идеите?

– Секако, но мора да се разбере дека не секој може ова да го разбере како должност или обврска, а не ни треба, бидејќи на крајот на денот, секој се пријавува ентузијастички и доброволно, па затоа и не можам секогаш да барам 24/7 посветеност од секого. Направивме систем во кој секој може да го даде максимумот, а притоа да се одржи одлична атмосфера внатре во УСС. Она што е поважно, а со самото активирање на УСС, очигледно е будењето на сите ФСС, односно зголемена активност на факултетските студентски собранија.

Евидентно е дека обрнувате повеќе внимание и на културниот живот на студентите – преку гратис влезници за во театар, отворивте Студентски културен центар. Како реагираат студентите на овие новитети?

– Бесплатни влезници во МНТ, бесплатни влезници во НОБ и 50 отсто попуст на билети, како и 50 денари пониски суми во Кино „Милениум“, воедно и отворањето на Студентскиот културен центар. Заинтересираноста е огромна, се случува карти да снема за неколку минути и очигледна е желбата на студентите да посетуваат ваков вид настани. Сметам дека многу повеќе треба внимание да се обрне на промоцијата на овие институции, бидејќи имам впечаток дека не доволно се испромовирани претставите и настаните што се на репертоарот. Со овие чекори имаме за цел да го вратиме културниот живот помеѓу младите.

Како според вас да се направи студентскиот стандард подобар?

– Од почетокот досега, направивме конкретни чекори, меѓу кои се обезбеди студентскиот оброк, а наскоро и ќе се зголеми сумата на истиот, се изедначија стипендиите, воедно и се воведоа нови за студентите од Земјоделски, Шумарски и Ветерина. Студентските домови најдоцна до крајот на месеце треба да започнат со реновирање со поддршка од германска банка, а и ние директно учествувавме во креирање на младинските клубови. Но и покрај овие чекори, она на кое јас би се посветил во наредните пет, десет, 15 години е квалитетот на студии. Ние постојано говориме за тоа како младите ни бегаат, но она кое ме загрижува е фактот дека тоа не го прават по завршување на студиите, туку напротив, веќе започнува тренд каде младите почнуваат да учат средно во други држави. Одат во држави каде социјалниот живот е многу полош и досаден, а сепак одлучуваат да си заминат. Очигледно е зошто е тоа така, бараат подобра и посигурна иднина, а истата не би ја добиле доколку би останале на студии овде.

Државата мора, нагласувам МОРА да поработи на неколку работи:
1. Да ги задржи квалитетните професори и да им овозможи услови да сакаат да дадат максимум на своето работно место
2. Да креира нови квалитетни кадри на професори
3. Да вложи во научноистражувачката и издавачката дејност, воедно и да преземе чекори да ја поттикне истата, бидејќи полека истата замрува

На овој начин, секој студент ќе добие поквалитетно образование, со тоа автоматски подобар стандард.

Им фали ли повеќе глас на студентите? Да бидат подрски и појасни во своите барања?

– Како студенти мора да сфатиме дека многу од работите што ги сакаме никој нема да ни ги даде на тацна. Па еве славевме 8 март, борбата за поголеми права на жените трае со децении, ако не и со векови, и уште ќе трае. Но сведоци сме како секојдневно гледаме како истите тие се борат за подобро место, го креваат гласот кога треба, организираат настани и активности, се држат едни до други. Истата ситуација е и со студентите во Македонија, доколку ние не се држиме едни со други, доколку не си помагаме или поддржуваме или доколку постојат фракции, тогаш никогаш нема да дојдеме до она што го бараме или нешто повеќе.
Мило ми е што годинава се зближија студентите, се чувствува хармонија и се чувствува дека секогаш кога има некаков проблем почнуваат да се бунтуваат, а тоа ни треба за да се движиме напред како општество.

Кои се следните предизвици во оваа година?

– До крајот остануваат голем број настани, со кои сакаме да опфатиме студенти кои во секојденвниот живот не добиваат доволно простор да ги покажат своите таленти и способности. Ќе се организира промоција на краткометражни филмови, хендмејд и агробазар, студентски олимписки игри, натпревар во Рубикова коцка, шах, брза географија и јамб и уште неколку други настани. Но, сигурен сум дека до крај ќе има уште нешто кое не го набројав.

Сподели