Националниот натпревар First lego лига ќе се одржи денеска во 10 часот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. На настанот ќе присуствуваат повеќе од 100 учесници, нивни ментори и родители. Тимовите ќе работат на денешните глобални предизвици поврзани со Целите за одржлив развој на Обединетите нации, со фокус кон обезбедување на прифатлива, сигурна, одржлива и модерна енергија за сите.
Учесниците ќе треба да идентификуваат проблем со кој се соочуваат луѓето, да предложат решение преку создавање на иновативен проект, да покажат меѓусебна почит и да ги презентираат основните човечки вештини кои се неопходни за постигнување на оваа заедничка цел. Дополнително, тимовите треба да дизајнираат, изградат и испрограмираат робот со користење на lego mindstorms или lego spike prime технологијата и да се натпреваруваат со другите тимови од нашата земја. Тимот што ќе обезбеди најдобри резултати во сите категории ќе ја претставува Македонија на светското првенство кое годинава ќе се одржи во Мароко, од 18 до 21 мај.
Натпреварот го организираат „Академија за роботика и иновации“, во соработка со УГД, Општина Штип, како и од Оперативниот партнер на FLL од Република Грција.
First lego лигата е меѓународна мултидисциплинарна истражувачка програма застапена во повеќе од 100 земји, а во која учествуваат над 600.000 деца и млади од целиот свет кои работат заедно со нивните ментори. Воедно, ги инспирира да истражуваат во STEM областите, како што се науката, технологијата и инженерството, да решаваат реални проблеми преку изработка на реални проекти и да создадат подобра иднина за себе и за другите.
Насловна фотографија: Принскрин





