Драган Ристовски победи на Европскиот филмски предизвик и доби наградно патување на Берлинале

Многу ја сакам македонската кинематографија и ме радува на секој нов македонски филм. Берлинале беше незаборавно искуство – вели филмофилот од Велес, кој живее во Скопје

Љубовта кон европскиот филм го однесе скопјанецот Драган Ристовски на 73. издание на Берлинскиот филмски фестивал што се одржа во февруари и од таму се врати со незаборавни позитивни впечатоци. Тој учествуваше на Европскиот филмски предизвик и во текот на 10 недели, изгледа исто толку европски филмови, меѓу кои оние од домашната кинематографија носеа најмногу поени. Вели дека најголемата причина да учествува на предизвикот е наградата – присуство на еден од најголемите светски фестивали.

Европскиот филмски предизвик“ во земјава го имплементира Центарот за социјални иновации „Блинк 42 – 21“ заедно со европски партнери во 13 држави преку поддршка на програмата на МЕДИА – Креативна Европа и Европската филмска индустрија.

– За предизвикот знам уште пред две години, но тогаш доцна се информирав и не учествував. Така што, да, ова ми е прво учество. Самата награда беше добар мотив. Победникот на предизвикот оди на Берлински меѓународен филмски фестивал. Оваа година тоа бев јас и сум презадоволен од севкупното искуство – вели Драган.

Тој вели дека, пред сè, многу ја сака македонската кинематографија и се радува на секој нов македонски филм, а од другите држави, немам некој посебен фаворит.
– Но, според гледаноста, најмногу ми доминира шпанската, италијанската, француската и во последно време германската и полската кинематографија – вели тој.

Во рамките на предизвикот требало да се наведе кој филм го имаш гледано и да се прикачи доказ на веб-страницата europeanfilmchallenge.eu заедно со фотографија од киното или платформата на која си го гледал филмот. Акцентот во голем дел бил ставен на македонскиот филм и тој носел 10 дополнителни поени, но имало и други начини за да се добијат дополнителни поени, објаснува Ристовски. Признава дека не му се верувало дека тој е победникот.

– Берлин е интернационален уметнички град во кој има многу места што се интересни за посета и со перфектно организиран јавен транспорт. И покрај големиот број посетители на Берлиналето не забележав дека некаде има гужви и застој во сообраќајот. Исто така ме импресионираше почитат и културата на гледање филм. Во ниту едно кино не видов дека продаваат пуканки и грицки, па немаше некој да ти грицка храна додека ја гледаш проекцијата. Како алтернатива видов по некој гледач со чаша вино или пиво што е поелегантно решение отколку некој да се храни додека го гледа филмот и да им пречи на останатите. Нешто такво би сакал да е практика и кај нас. Тука би ја спомнал и „Берлинале паласт“, мора тука да гледате некој филм – дециден е тој.

Стенли Кјубрик е негов омилен режисер и секој негов филм, според Ристовски, е ремек дело. Ја имал привилегијата филмските студија да не му се мешаат во работата, па ги правел филмовите во негов стил и внимал на секој детаљ. Кјубрик е доказ дека и американскиот филм може да биде како европскиот, ако режисерот нема притисоци да прави отстапки од своите уметнички замисли за да го прилагоди филмот кон публиката, смета Драган.

На прашањето дали можеби кај нас потешко се убедуваат филмофилите да гледаат европски филмови, ами повеќе ја избираат холивудската продукција, нашиот соговорник вели:

– Не би рекол дека има некој отпор. Публика може да се најде за секој филм. Сметам дека друг е проблемот, а еден цитат од Рамбо Амадеус добро би ја објаснил ситуацијата кај нас: „Национализмот е тема за оние со месечни примања до 300 евра. Ним им се сервира таа приказна. Кога платата ќе надмине 500 евра, тогаш почнува муабетот за гардеробата и кафулињата. Кога ќе надмине 1.000, тогаш топ тема е здравата храна, одмори и зимувања, а кога ќе се искачи на повеќе од 3.000, тогаш престанува да се ‘паламуди’. Луѓето потоа зборуваат за временската прогноза и љубовта“. Малку постара изјава, а поради инфлацијата сега сумите би биле други. Но, мислам дека е јасна поентата. Кај нас не остануваат пари за да се потрошат на култура.

Сподели