Македонија за првпат дел од Европското општествено истражување

Европското општествено истражување повеќе од 20 години ги мери ставовите, уверувањата и обрасците на однесувањe на граѓаните во над 30 земји. Станува збор за анкетни податоци, кои се меѓународно споредливи и кои ги користат Европската комисија и националните влади при креирањето на јавни политики. Со отворен пристап, тие се бенефит и за поширокото општество, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири на вчерашната презентација на резултатите од Европското општествено истражување, во кое Македонија учествуваше првпат. Станува збор за едно од најголемите и методолошки најквалитетни истражувања во светот, во областа на општествените науки.

– Вклучувањето во оваа европска истражувачка инфраструктура придонесува за модернизација на нашата наука, градење на капацитети на истражувачите и нивна интеграција во Европскиот истражувачки простор – рече Шаќири.

Истражувањето го спроведе Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ, на крајот на 2021 и почетокот на 2022 година, со теренска анкета на примерок од 1.436 испитаници. Примерокот беше подготвен во соработка со Државниот завод за статистика, а ИТ поддршката ја обезбеди Факултетот за компјутерски науки и инженерство при УКИМ.

На настанот беа презентирани национални и компаративни резултати за учеството на граѓаните во политичките процеси, ставови кон демократскиот систем, европската интеграција, климатските промени, идеолошките ориентации, оценувањето на граѓаните за демократските институции, дискриминацијата, миграциите, употреба на интернет и дигитални социјални контакти, и скалата на човечки вредности.

Шаќири појасни дека во тек се реформи и во истражувачкиот сектор, почнувајќи од ревизија на правната рамка, што опфаќа нов закон за научно-истражувачка дејност и носење и имплементација на Стратегијата за паметна специјализација. Растат и националните средства за истражувачка дејност и се интензивира и учеството во регионалните иницијативи и меѓународните програми за наука и истражување.

Сподели