Изложбата „Првите кралеви на Европа“ е можност за афирмација на македонската историја и културата, и воопшто културата на Балканот. Овој најголем археолошки настан во Северна Америка кој зборува за овој регион, за нас покажува колку се важни ваквите проекти кои ги обединуваат културите во регионот и кои носат голема и широка афирмација на секоја земја одделно, и на Балканот како целина, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на прес-конференцијата по повод отворањето на изложбата на 31 март во Филдовиот музеј во Чикаго.
Таа верува дека изложбата ќе одекне во стручните кругови на археологијата поради својата ексклузивност и поради своето значење, со оглед на тоа што во неа се вклучени 23 музеи од 11 земји од Балканот.
– Во Чикаго ќе бидат претставени сите предмети селектирани за оваа изложба, меѓу кои има извонредни одблесоци на предисториската уметност од неколку македонски локалитети. Со оваа изложба, преку експонатите неолитски жртвеник, енеолитски скиптар и железнодобен накит од локалитетите Врбјанска Чука, Шуплевец и Милци, пред светот ќе проговориме за достигнувањата на луѓето од нашата земја кои живееле и создавале уметност, ги развивале технологијата и стопанството во периодот од 7 до 5 милениум пред новата ера. Ова се единствени и уникатни артефакти кои зборуваат за нашите приказни од предисторијата, кои, се разбира, се проткајуваат и денес – рече Костадиновска-Стојчевска.
Координаторот од македонска страна, археологот Гоце Наумов искажа задоволство што за прв пат македонската археологија, овој пат со предмети од предисторијата се претставува на волку голем настан во САД. Тој верува дека изложбата ќе биде инспирација за натамошни вакви проекти и за останатите периоди со кои ќе се афирмира македонското културно наследтво.
– Според проценките, изложбата ќе има околу милион посетители. Ја повикувам големата балканска дијаспора во Чикаго да се запознае со овие репрезентативни предмети, бидејќи се работи за интересен културолошки контекст за Балканот, што ја носи оваа ексклузивна изложба – рече Наумов.
Директорката на битолскиот Завод и музеј, Мери Стојанова рече дека е а проектот отвора нови можности за идни соработки.





