Колку повеќе ве има во светот, толку повеќе постоите: Aрхеолошки предмети од Македонија првпат во САД и Канада

Големата изложба „Првите кралеви на Европа“ утре ќе биде отворена на Институтот за древни студии во Њујорк. Во поставката со стотици предмети од предисторијата ќе бидат и 19 антиквитети од територијата на денешна Македонија

Како од првите земјоделски заедници се формирале првите кралства во Европа. Какви промени се случиле во општествената организација, економијата, религијата, војувањето… Балканот бил клучна точка во раѓањето и пренесувањето на овие идеи во Европа, вели археологот д-р Гоце Наумов, координатор на македонскиот дел во големата изложба „Првите кралеви на Европа“ (First Kings of Europe) која утре ќе биде отворена на Институтот за древни студии во Њујорк. Во поставката со стотици предмети кои луѓето што живееле на Балканот ги создале меѓу 6.500 и 500 година пред новата ера ќе бидат и 19 антиквитети од територијата на денешна Македонија.

Гоце Наумов

„Првите кралеви на Европа“ – изложба со стотици антиквитети од 26 музејски институции од Балканот две години ќе биде поставена во институции во САД и во Канада. Како се роди идејата за еден ваков мега-проект?

– Идејата потекнува од Филдовиот музеј во Чикаго кој често организира спектакуларни изложби со фокус на средини и теми кои не ѝ се многу познати на американската публика. Тие сакаат да претстават предмети кои привлекуваат внимание и имаат огромно влијание во манифестирањето на човечките достигнувања во (пред)историјата. Колегите Атила Гјуча и Вилиам Паркинсон, воедно и иницијатори на изложбата, ме контактираа да бидам македонски координатор на проектот и заедно со уште дваесетина музеи од регионот ќе учествуваме во најголемото претставување на балканската предисторија во светот. Поканата беше секако голема привилегија за мене и предложив во соработката да се вклучат повеќе македонски музеи.

Целта ми беше, покрај презентирањето на македонското предисториско наследство, да се вклучат музеи кои досега биле занемарувани во домен на меѓународните археолошки изложби во кои учествувала и Македонија, што секако ќе доведе и до афирмирање на овие институции. Затоа ми е многу драго што во изложбата ќе учествуваат и Заводите за заштита на спомениците на културата и музеи од Битола и од Прилеп и Музејот од Гевгелија – институции со кои соработувам долги години и кои дефинитивно имаат што да покажат пред светот.

Според концепцијата, каква приказна ќе раскажува изложбата? На што е ставен фокусот?

– Целта на изложбата е да покаже како постепено се случуваат општествени трансформации во предисторијата од егалитарниот неолитски период до монархиското железно време. Како од првите земјоделски заедници се доаѓа до првите кралства во Европа. Овие стопански и социјални процеси се проследени со многу новини во домен на општествената организација, економијата, верувањата, обредите, религијата, војувањето, демографијата итн.

Секако, најдобар показател за тоа се предметите што ги изработувале луѓето во предисторијата, а преку кои се манифестираат комплексни социјални и симболички идеи. Со оглед на тоа што Балканот претставува клучна точка во раѓањето и пренесувањето на овие идеи во Европа, не случајно овој регион беше избран да биде во фокусот на изложбата.

Кои земји од Балканот се вклучени, со какви предизвици се соочивте во подготовката?

– Во изложбата учествуваат 11 земји од Балканот и соседството и тоа претставени преку дури 26 музеи, што досега е најголемо вакво здружување на балкански институции во историјата на археологијата и очигледно претставува огромен и комплексен проектен зафат. Затоа требаше и повеќе време сета изложба добро да се организира. Од првичните разговори во 2018 година досега поминаа четири години, вклучувајќи ги и одложувањата поради пандемијата.

Претставува огромен успех сите овие институции да се координираат и онака како што е планирано да се презентираат на оваа тригодишна изложбена турнеја низ Северна Америка, за што мора да им се честита на колегите од Филдовиот музеј во Чикаго и на сите од балканските музеи. Оваа изложбена турнеја почнува утре во Њујорк и потоа продолжува во 2023 година во Чикаго и во 2024 година во Гатино-Отава.

Колку предмети од Македонија ќе бидат изложени и што беше пресудно во селекцијата?

– Треба да се истакне дека ова е прва изложба на археолошки предмети од Македонија во Северна Америка и затоа беше битно да се изберат врвни репрезенти на уметничките, технолошките и симболичките достигнувања во предисторијата. На оваа турнеја ќе бидат изложени 19 предмети од Завод и музеј – Битола, Музеј Гевгелија и Завод и музеј – Прилеп, кои се вистински одблесоци на предисторијата во Македонија, и тоа од неолитот, енеолитот и железното време (6.500 – 500 г.п.н.е). Затоа, како наши претставници во изложбата не случајно ги избравме неолитскиот жртвник од Врбјанска Чука (кој го акцентира значењето на првите житарици), потоа скиптарот од Шуплевец (кој обредно ја истакнува појавата и улогата на првите коњи), како и металниот накит од Милци (кој посочува на социјалната стратификација меѓу благородниците во раните кралски општества).

Веруваме дека овие предмети, како во своите предисториски доба, така и денес ќе ги пренесат пораките врзани за суштинските начела на луѓето во неолитот, енеолитот и железното време во Македонија, но и на Балканот. Покрај тоа што изложбата ќе биде одлична можност американската публика да се запознае со балканската предисторија, ќе ѝ се овозможи да ги осознае и клучните сегменти во (пред)историјата на човештвото, како што се земјоделството, металургијата и монархистичкото уредување. Тоа воедно ќе биде и одлична можност на највисоко музеолошко и научно ниво да се презентира и македонското културно наследство, но и Македонија како држава која не ѝ е многу позната на американската публика.

Предметите три години ќе бидат надвор од Македонија. Како ќе бидат обезбедени за време на транспортот? На кој начин го решивте осигурувањето на антиквитетите, која осигурителна компанија е ангажирана?

– Предметите се обезбедени на највисоко можно ниво со опрема и технологија што никогаш не била користени кај нас. За тоа се задолжени компаниите „Кунстранс“ и „Мастерпис“ кои се врвни во транспортот на уметнички предмети и најчесто се користат во екслузивните изложби во Европа и Америка. Сите предмети вклучени во изложбата се осигурени и благодарение на Управата за заштита на културното наследство и Министерството за култура обезбедени се сите документи и дозволи овие предмети да се изнесат од Македонија и повторно да се вратат кога изложбата ќе заврши.

Овој административен процес претставува и продлабочување во македонско-американските односи и преку вклучувањето во културни соработки ја зајакнува довербата меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави. Тоа секако ќе се рефлектира и врз зачестена соработка во домен на музеологијата и верувам дека во иднина ќе имаме можност да видиме и американски изложби во македонските музеи.

Во однос на изнесување на антиквитети од матичната средина, кај нашите научници низ годините провејувале претежно два става: дека е добро да се постават во понаква констелација на „туѓ“ терен, и вториот – дека треба да го кренеме нивото кај нас за да привлечеме странска публика и да развиваме културен туризам. Каков е Вашиот став?

– Земја која го крие своето минато во архиви и депоа е осудена на заборав, што за жал постепено и ни се случува. Континуираното неодговорно „чување“ на културното наследство во музејските подземја е резултат на неоснована параноја и основана мрзливост. Тоа доведува до тоа светската научна и поширока јавност ништо да не знае за многу извонредни уметнички и технички одблесоци во Македонија од предисторијата до модерното доба.

Неопходно е инвестирање во проучувањето, заштитата и промовирањето на културното наследство за тоа да биде интересно и привлечно да се види во Македонија, но и надвор од неа. Видете ги само примерите со Турција, Грција или Бугарија и колку од нивните предмети шетаат низ светот и се присутни на бројни екслузивни изложби и ќе се уверите во културниот подем на интернационално ниво.

Овие ретки изложби во кои се вклучува и македонското културно наследство се претежно иницијативи на странски институции финансирани од нив, што секако е добро за овие прекрасни предмети да ги видат повеќе луѓе и некои од нив и да ја посетат земјата на нивното потекло. Меѓутоа неопходно е ние самите систематично и програмски да вложуваме во она што го имаме и да му го покажеме на светот тоа што го направиле луѓето пред стотици и илјадници години. Имаме одговорност кон нив, не да го криеме под изговор дека го чуваме, туку вистински да го чуваме со тоа што ќе го конзервираме, публикуваме и изложиме она што тие го изработиле.

Пред неколку години организирав изложба со африкански маски и скулптури која побуди голем интерес и постави рекорд во историјата на Музејот на Македонија како најпосетувана изложба во оваа институција. Со многу мала инвестиција, добра стратегија и огромен ентузијазам покажавме дека дури и туѓото културно наследство можеме да го направиме привлечно за нашата публика, но и за туристите. Замислете кога навистина би го сакале нашето културно наследство и со исто толкав ентузијазам и вложување би го презентирале почесто во македонските и светските музеи. Примерите со неколку извонредно успешни изложби на македонски легендарни уметници и (пред)историски артефакти во неколку наши галерии и музеи покажа дека имаме публика која е желна да впива од духовните одблесоци на минатото. Тажно е тоа да бидат исклучоци, а не редовна пракса и да не ѝ се овозможи такво искуство на публиката која веќе има формирано култура на посетување изложби.

Верувам дека со „Првите кралеви на Европа“ ќе го покажеме она што е редовна пракса во светот – доближување на културното наследство до сите, бидејќи тоа им припаѓа на сите и не само на земјите од каде што тоа потекнува. Тоа е една од целите на оваа изложба т.е. со здружени сили да ѝ покажеме на американката публика што се случувало на овие балкански простори во периодот од седмиот до првиот милениум п.н.е., нешто што не им е познато дури ни на балканските народи.

Се надевам дека ваквите изложби ќе инспирираат многумина да ги отворат своите перспективи и да ги впрегнат коњите на сопствениот труд во уште поинтензивно домашно и меѓународно претставување на македонското културно наследство. Иако ваквите заложби бараат многу посветеност и одговорност, сепак придобивките се далекусежни и тоа не само на културно ниво, туку и на политичко. Бидејќи колку повеќе ве има во светот, толку повеќе постоите. Колку повеќе се криете, толку повеќе ве кријат.

Имаме што да си покажеме пред себе и што да му покажеме на светот. Па зошто тоа да го оставиме да гние во депоата и не му овозможиме да процвета во очите и умовите на многумина? Имаме неколку импресивни изложби со македонско културно наследство во земјава и странство, па тие нека бидат примерот и нека инспирираат за уште посистематично и потемелно негово презентирање. Има триста изговори тоа да не се прави, но има шестотини причини да се биде истраен и посветен во доследно претставување на идејните, техничките и духовните достигнувања во минатото.

Фото: Филип Кондовски и Адам Виго

Сподели