Десет романи влегоа во потесната селекција за наградата „Роман на годината“ за 2022 година што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Од пристигнатите 34 дела, во последната фаза продолжуваат:
1. „Водни тела“, Ана Аврамовска, „Паблишер“
2. „Папокот на светлината“, Венко Андоновски, „Три“
3. „Писмо за Глорија“, Живко Грозданоски, „Или Или“
4. „Анатрос“, Хари Кацановски, „Арс Либрис“
5. „Времето пред приказната“, Митко Маџунков, „Три“
6. „Нема шума без волци“, Велко Неделковски, „Пагома Прес“
7. „Столб што пее“, Томислав Османли, „ВиГ Зеница“
8. „Синовите на Адам“, Михајло Свидерски, „Восток“
9. „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, Влада Урошевиќ, „Арс Либрис“
10. „Естом“, Николина Андова Шопова, „Или Или“.
Победникот ќе биде соопштен до 15 март, а ќе добие плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари. Жирито е составено од: Симона Јованоска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Илир Ајдини, Гоце Ристовски, Сашо Кокаланов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата). Наградата ќе биде доделена по 24. пат, поддржана е од Министерството за култура, а генерален спонзор е „Комерцијална банка“ АД Скопје.





