Нашата „Нора“ зборува за значењето на индивидуалната слобода во денешно време, за тоа како процесот на нејзиното изнаоѓање е крајно трауматичен и остава белег што го носиме целиот живот со себе – вели режисерката Витошевиќ
Претставата „Нора“ од Хенрик Ибзен на македонската режисерка Нела Витошевиќ вечерва ќе ја има својата премиера на сцената на Местно гледалишче љубљанско во Словенија. По гостувањето на фестивалот РУТА Триглав со претставата „Мојот маж“ на Драмскиот театар во февруари минатата година, Витошевиќ ја доби поканата да постави нова претстава на сцената на љубљанскиот театар. Нела Витошевиќ е режисерка во Македонскиот народен театар.
– Нашата „Нора“ зборува за значењето на индивидуалната слобода во денешно време, за тоа како процесот на нејзиното изнаоѓање е крајно трауматичен и остава белег што го носиме целиот живот со себе. Современиот свет е ограничен од патријархални правила и норми, живееме во хаос од информации и многу често знаеме да се изгубиме себеси. Потрагата по идентитет во тој момент е неопходна – вели Витошевиќ.
Таа додава дека патријархалниот свет во кој една жена мора да живее според тие и такви општествени правила, многу е тешко да исплива на површина и да стави точка.
-„Нора“ останува симбол на женската слобода и отпор и не потсетува на нејзината важност и значење. Театарот МГЛ е крајно сериозна институција. Директорката Барбара Хиег Самобор ми обезбеди одлични услови за работа и ми даде фантастична подела. Уживам да работам со актерите Ајда Смрекар (Нора) и Матеј Пуц (Хелмер), Нина Раковец (Линде), Јернерј Гасперин (Крогстад) и Јуриј Древенсек (Ранк). Сите се крајно талентирани, ужасно посветени и професионални до максимум. Имавме одличен процес, ми се чини дека се разбравме од првиот момент. Се дружиме и по пробите, станавме добри пријатели. Екипата направи да се чувствувам како дома – вели Витошевиќ.
Драматург на претставата е Петра Погоревц, асистенка на драматургот Манце Липовсцек, сценографка – Урса Видиц, костимографка Тина Бонца.
– Со сите автори и соработници имав одлична соработка – завршува режисерката.