Сите сакаат да напишат современ роман, модерен, а еве некој сака да напише старовремски роман, рече Урошевиќ
Секогаш кога ќе напишам нов роман долго размислувам каков наслов да му ставам. Знаете, насловот се пишува на крајот. Откако го составив овој долг наслов, во една миговна инспирација допишав поднаслов – Старовремски роман. Овој поднаслов може да се сфати на повеќе начини, рече академик Влада Урошевиќ на промоцијата на негивиот најнов роман „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ во киното „Фросина“ во Скопје. Во преполната сала имаше книжевна публика, претставници од медиумите и читатели од сите генерации, а пред нив беа претставени и неговите дела „Вкусот на праските“, „Мојата роднина Емилија“ и „Невестата на змејот“, кои се реобјавени во ново руво и со нови поговори. Книгите се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Книгите ги промовираа Јелена Лужина, Лидија Капушевска-Дракулевска и Владимир Мартиновски, а се обрати и претседателот на Маледонската академија на науките и уметностите, Љупчо Коцарев. Настанот го модерираше уредникот на четирите книги, Ведран Диздаревиќ.
„Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, со поднаслов „Старовремски роман“, е седмиот роман на Урошевиќ. Покрај тоа што е неговиот најдолг роман, тој е и со најдолг и необичен наслов.
– Можете да го сфатите како иронија или како предизвик фрлен кон критиката, но и кон читателската публика. Сите сакаат да напишат современ роман, модерен, а еве некој сака да напише старовремски роман. Се надевам дека со тоа не сум ја нарушил суштината на романот и уште повеќе, дека не сум одбил читатели да го земат в рака. Старовремски роман звучи чудно денес, но мислам дека мене ми одговараше – рече Урошевиќ.

Неговите романи опфаќаат многу жанрови, има научна фантастика, елементи на криминалистички роман, на бајка… Урошевиќ вели дека со секое ново дело е пред нов предизвик да види што може да направи во нов жанр.
– Се надевам дека помеѓу сите мои романи може да се најде некоја врска, дека сепак се поврзани. На пример, постои врска меѓу „Маџун“ и „Мојата роднина Емилија“, има врска меѓу „Невестата на змејот“ и „Дива лига“… Морам да признам дека секогаш со некоја доза на страв ги отворам моите објавени романи. Кога повторно ги пречитувам во мене се борат две чувства: едното е чувство на извесна радост што моите книги напишани пред неколку десетици години сѐ уште живеат, сѐ уште доаѓаат до читателите на иницијативата на некои издавачи. Од друга страна, постои едно непријатно чувство на пропуштена шанса – секогаш кога ќе читам своја поранешна книга, си велам, „ова е мошне добро, но можело да биде и подобро!“ Но, за жал, животот се живее само еднаш и нема враќање назад. Она што сме го направиле – сме го направиле. Како што вели Марко Цепенков: „Стореното не може да се отстори“. Во тоа лежи трагичноста на нашиот живот и истовремено неговата неповторлива убавина – вели Урошевиќ.

Лужина се осврна кон новиот роман потенцирајќи дека тој е еден од доказите дека книжевното уметничко дело мора најпрвин да е уметност, висока уметност која само попатно може и мора да се „повикува“ на она кое во драматургијата колоквијално се нарекува „содржина на хартија“.
Приказната во романот почнува летото 1898 година. Во преодните денови помеѓу веќе исцрпениот 19 век и тукушто родениот 20 век, Никола се враќа од своите студии во Париз. Со себе го носи научното знаење од Западот и етосот на модерниот, просветлен човек, желен да ги примени во своето родно Скопје. Дома – во големата куќа на крајот на градот, покрај течението на реката Вардар – го чекаат татко му Харалампие, трговецот на ангро, мајка му Евдокија и трите помлади братучетки. На прв поглед, животот на ова семејство изгледа нормален, пристоен, па дури и здодевен. Но, работите не се такви како што изгледаат…

Капушевска-Дракулевска се осврна на „Мојата роднина Емилија“ – приказна за детството и младоста на младиот неименуван наратор и неговата исто толку млада роднина. Местото и времето на случување се јасно определени: Скопје за време на Втората светска војна. Но, како што читателот несомнено забележува, тие се само предлошка на фантастичниот свет карактеристичен за речиси сите дела на Урошевиќ.
Мартиновски рече дека сите романи на Урошевиќ се меѓусебно поврзани со нишки.
– Тоа што новиот роман е со поднаслов – старовремски роман, тоа што „Невестата на змејот“ е бајка роман, а во „Мојата роднина Емилија“ раскази формираат роман, значи дека Влада Урошевиќ пишува литература, но и металитература. Во неговото пишување има игра, која ги спојува световите, реалното со имагинарното – рече Мартиновски.






