Научниците што заминале од Македонија отвораат порта кон светот

На платформата researchnet.mk секој научник или истражувач има можност да креира свој профил каде во неколку реченици опишува каде и што работи во моментот

Researchnet.mk ќе биде точка каде ќе се среќаваат научниците од цел свет што се родум од Македонија и ќе се отвораат можности за нови соработки, рече д-р Никола Стиков, професор на Институтот за биомедицинско инженерство на Политехничкиот универзитет во Монтреал, Канада на вчерашната онлајн-промоција на новата веб страница. Тој е дел од Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје кој беше инциран пред две години токму од македонски научници кои работат на странски универзитети. Во кризата што ја предизвика ковод-19, Стиков и д-р Кирил Гаштеовски ја формираа научната група „С(ц)иеста“ и еднаш неделно почнаа да се среќаваат на блогот „Кантарот“. Полека се создаде сериозна група на научници кои работат на различни полиња и од нив произлезе идејата во рамките на УКИМ да се формира Центар кој ќе ја крене науката во Македонија на едно сосема друго ниво.

Присутните вчера ги поздрави ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски. Тој рече дека новата интернет страница ќе ја промени играта во македонската наука.

– Го отворивме Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања со тим посветени професионалци кои работеа заедно да ја создадат researchnet.mk каде макеоднските научници ќе имаат простор да ги објавуваат своите трудови. Тоа ќе ни помогне да ги срушиме бариерите и да направиме интердисциплинарност – рече Јанкуловски.

Според проф. д-р Валентина Гечевска, проректор за наука на УКИМ, Центарот веќе има десет научници родум од Македонија кои се постојани членови.
– Групата се проширува, а главен извор е групата „С(ц)иеста“. Ни се споија целите и идеите, да работиме на интернационализација, се отвораат поголеми можности за вмрежување. Ова е еден апел и до помладите колеги, зашто е исклучително значајно за нивниот развој како научници – рече Гечевска.

Проф. Д-р Ордан Чукалиев, проректор за меѓународна соработка на УКИМ се заблагодари на големата заложба на научниците од странство, на нивната работа, издвоено време и пари, за да се втурнат во ангажман кој е од огромно значење за македонската наука.

На промоцијата покрај Стиков беа присутни и неколку научници од заедницата „С(ц)иеста“ – Борјана Арсова, биохемичарка која во моментот живее и работи во Јулих, Германија, Илија Дуковски од Универзитетот во Бостон, Александар Шулевски кој работи на Институтот за радиоастрономија АСТРОН во Холандија, Андреј Ристески од Универзитетот „Карнеги Мелон“ во САД и други.

Сите накусо претставија што работат во моментот и се радуваат на можноста за соработка преку researchnet.mk. На платформата секој научник или истражувач има можност да креира свој профил каде во неколку реченици опишува каде и што работи во моментот.
– Сметам дека Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања е тоа здраво ткиво што ќе ги турка работите напред. Ќе се групираме, ќе се случуваат убави работи во науката – рече Стиков.

Сподели