Драгиќевиќ-Пројковска блесна на сцената на „Иван Вазов“, ја нарекоа „неверојатно талентирана македонска актерка“

Актерката на Драмскиот театар од Скопје, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска завчеравечер настапи во изведбата на претставата „Животот е прекрасен“ во режија на Александар Морфов, на сцената на Народниот театар „Иван Вазов“ во Софија. Пројковска ја толкуваше улогата на Серафима Илинична и доби повеќе аплаузи на отворена сцена во текот на претставата, а и бурни аплаузи и овации по завршувањето.

Драгиќевиќ-Пројковска го толкува истиот лик во македонската верзија на истиот текст на Николај Ердман, што Морфов го постави на сцената на Македонскиот народен театар во 2016 година. Во новата 2022/2023 година претставата повторно е обновена на истата сцена. За нејзината улога таа ја доби наградата за најдобра епизодна женска улога на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Народниот театар „Иван Вазов“ со оваа изведба го прослави јубилејот по повод 100-годишнината од раѓањето на големата режисерка и професорка Јулија Огненова. Морфов е еден од нејзините најпознати ученици.

Претставата е создадена според драмата „Самоубиецот” на Николај Ердман, која долги години беше забранета за играње од властите во Советскиот сојуз. Таа е една од најдобрите и најгледаните во Народниот театар.

Во претставата заедно со Драгиќевиќ-Пројковска играат големи актерски имиња од Народниот театар: Камен Донев, Рени Врангова, Албена Колева, Руси Чанев, Радина Боршош, Теодор Елмазов, Дарин Ангелов, Валентин Танев, Иван Брнев, Павлин Петрунов, Биљана Петринска, Јордан Петков, Емил И. Марков, Валентин Балабанов…

Режисерката Лилија Абаџиева по изведбата на претставата ја нарече „неверојатно талентирана македонска актерка“.

-Таа е кловн во здолниште, но исто е и апсурдно драматична и апсурдно поетична во исто време. Тоа е вистински тест за актерка да влезе во изведба со јасен и чист резултат во смисла на партнерство, темпо, нова сцена, нови партнери на сцена. Возбудата на таква средба со толку многу непознати луѓе е срцев удар за актерот, но за талентираниот уметник, тоа е игралиште со многу можности. Сум работела со Пројковска во Драмски театар на претставата „Франкенштајн“ во Драмски театар. Не познавам друга актерка што може да биде толку посветена и да постигне целосно лудило на пробите. Таа ви дава чувство дека не постои друг свет надвор од пробите, оти самата ви дава чувство на креирање свет. Партнерството на сцена со Камен Доневи и Рени Врагова изгледаше како живот што никогаш не застанал.Таа беше доживеана и топло од публиката, но и убаво прифатена од нејзините колеги на сцена.

Абаџиева има работено и во Битолскиот театар.

– За мене Македонија се актерите со кои сум работела. Со талентирани, посветени  и инспиративни актери. Никола Пројчевски, Мартин Мирчевски, Викторија Степановска, Рубенс Муратовски, Иван Јерчиќ, Огнен Дранговски, Габриела Петрушевска, Марјан Георгиевски, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Филип Трајковиќ и многу други. Како поетите, писателите, музичарите и уметниците што ги почитувам и сакам многу. Уметноста гради мостови што политиката не може. Сите уметници во светот се слични и ако е на нас оставено, светот ќе биде подобар и хармоничен.

Фотографии: Стефан Штерев

Сподели