„Никогаш не сме доживеале поголемо деградирање на книгите“ велат од Македонската асоцијација на издавачи по објавувањето на резултатите од Годишниот конкурс на Министерството за култура за финансирање проекти национален интерес во културата.
– Со жалење можеме да констатираме дека со годинашнава програма Министерството за култура достигна ново дно во вреднување на работата на издавачите, авторите, преведувачите и сите останати што и понатаму се обидуваат да ја одржат во живот книжевноста, јазикот и културата.
Сите работи за кои реагиравме минатите години, како: нерамномерна распределба на средства и одобрен број на проекти по издавачи, очигледно фаворизирање на одредени издавачки куќи на сметка на други, игнорирањето и дискриминацијата на големи издавачи кои добиваат одвај еден или ниту еден проект под изговорот дека аплицираат со комерцијални изданија, несоодветниот сооднос на добиени проекти од страна на физичките и правните лица… сето тоа годинава, по излегувањето во јавноста на новите резултати, се чини како расправа на повисоко ниво, бидејќи оваа програма остава впечаток дека годинава не постоеле апсолутно никакви критериуми – велат од Асоцијацијата.
Тие со години бараат јасни мерила за оценување на проектите.
– Гледајќи големи превиди во распределбата на буџетот (намерни или не) сериозно се сомневаме во компетентноста на комисиите што одлучуваат за вакви значајни прашања во однос на културата. Затоа, Македонската асоцијација на издавачи, чие членство е јадрото на македонското издаваштво, бара целосна ревизија на програмата за 2023 година и коригирање на сите укажани недостатоци од страна на издавачите велат од МАИ.





